Европската комисија го објави Извештајот за состојбата на енергетската унија за 2025 година и придружниот Извештај за напредокот во областа на климата за 2025 година, кои покажуваат значителен напредок кон остварувањето на поставените цели.
Европската комисија го објави Извештајот за состојбата на енергетската унија за 2025 година и придружниот Извештај за напредокот во областа на климата за 2025 година. Клучниот заклучок на двата документа е дека Европската унија постигнала значителен напредок во преминот кон она што се опишува како „интегрирана енергетска унија“. Извештаите го нагласуваат напредокот во областа на чистата енергија, со поголема употреба на обновливи извори, справување со високите цени на енергијата и понатамалено намалување на емисиите на стакленички гасови, со што се зајакнува енергетската безбедност и се намалува зависноста од увоз на фосилни горива.
Целите за 2030 година се достижни
Во извештаите е потврдено дека ЕУ е на добар пат за остварување на климатската цел до 2030 година. Според привремените податоци за 2024 година, вкупните нето емисии на стакленички гасови се намалени за 2,5% во однос на 2023 година. Со тоа, вкупните емисии се намалени за 37,2% во однос на нивото од 1990 година (или 39% ако се земат предвид само домашните нето емисии). Истовремено, БДП на Европската унија во овој период пораснал за 71%, што потврдува дека економскиот раст успешно се одвојува од растот на емисиите.

Раст на обновливите извори
Според извештајот, поголемиот дел од електричната енергија произведена во Европската унија сега доаѓа од чисти извори, иако напредокот не е еднаков во сите земји членки. Се проценува дека во 2024 година биле инсталирани околу 77 GW нови капацитети за енергија од обновливи извори. Во структурата на електричната енергија во ЕУ, обновливите извори во 2024 година сочинувале 47%.
Исто така, продолжил трендот на намалување на конечната потрошувачка на енергија, која забележала пад од 3% во однос на 2022 година. Најголемо намалување е забележано во станбениот сектор, а потоа следуваат индустријата и услужниот сектор. И покрај овие поместувања, Комисијата предупредува дека за постигнување на енергетските цели на ЕУ до 2030 година ќе биде потребно „многу побрзо воведување на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност“ во наредните години.
До 2040 година потребни се инвестиции од 695 милијарди евра годишно
Следната деценија е оценета како клучна за завршување на енергетската унија и постигнување на климатска неутралност до 2050 година, што е долгорочната цел на ЕУ. Во моментов се во тек преговори за измена на Европскиот закон за клима, со кој би се утврдил климатскиот таргет на ЕУ за 90% намалување на емисиите на стакленички гасови до 2040 година, во споредба со нивото од 1990 година.
Сепак, Комисијата посочува неколку клучни предизвици што допрва треба да се решат. Тие вклучуваат потреба од обемна електрификација за да се зголеми уделот на електричната енергија во конечната потрошувачка на околу 32% до 2034 година. Исто така, неопходни се значителни инвестиции во електроенергетските мрежи, засилување на напорите за енергетска ефикасност и поттикнување на иновации за изградба на конкурентен сектор на чисти технологии. Се проценува дека ЕУ треба да мобилизира дури 695 милијарди евра годишно во периодот од 2031 до 2040 година за инвестиции поврзани со енергетиката.
Предлогот за амбициозната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028 – 2034 е насочен кон зајакнување на прекуграничната инфраструктура и насочување на средствата кон стратешки технологии за чиста енергија. Претстојната ревизија на Регулативата за управување со енергетската унија и дејствувањето во областа на климата, како дел од рамката за периодот по 2030 година, ќе биде клучна во тој поглед, заклучува Комисијата.


