OnePlus 15 официјално беше претставен во Кина минатиот месец, а светската премиера е закажана за 13 ноември.
Телефоните што се претставуваат за кинескиот пазар често се разликуваат од глобалните верзии, особено кога станува збор за капацитетот на батеријата. Но, изгледа дека тоа нема да биде случај со неодамна претставениот OnePlus 15, кој ќе дебитира на светската сцена на 13 ноември.
Како и кинеската верзија, глобалниот OnePlus 15 ќе има LTPO OLED екран со резолуција од 1,5K и стапка на освежување од 165 Hz. Екранот ќе достигнува осветленост до 1.800 нита во режим на висока светлина, додека минималната осветленост ќе биде само 1 нит. Сертифициран е од TÜV Rheinland за заштита на очите и вклучува опции како Eye Comfort Reminder и Eye Comfort Mode во игрите, кои суптилно ја прилагодуваат заситеноста на боите за да го намалат заморот на очите.
Бидејќи екранот поддржува високи 165 Hz, OnePlus ветува дека корисниците ќе можат да играат со 165 FPS во популарни мобилни игри како Call of Duty: Mobile, Brawl Stars и Clash of Clans. Според компанијата, другите игри ќе работат со стабилни 120 FPS. Сето тоа треба да функционира мазно благодарение на Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5 процесорот.

Посебно се истакнува 360-степениот систем за ладење Cryo-Velocity, кој користи 3D пареа-комора со површина од 5.731 mm² за ефикасно одведување топлина, како и изолациски слој од аерогел инспириран од авионска технологија и заден поклопец од бел графит за рамномерно ладење. Сето тоа треба да обезбеди пријатно чувство во раката, без разлика колку долго се игра.
Иако сето ова звучи привлечно, глобалните корисници најмногу ќе се израдуваат на батеријата од 7.300 mAh, која поддржува 120-ватно жично и 50-ватно безжично полнење. Од OnePlus ветуваат дека батеријата ќе ја задржи најмалку 80% од почетниот капацитет по четири години користење и дека ќе работи сигурно и на температури до -20°C.
Како што и се очекува, OnePlus 15 ќе пристигне со OxygenOS 16 базиран на Android 16. Уредот има IP66, IP68, IP69 и IP69K сертификати за отпорност на прашина и вода.

