На интернет се појавија првите скици од дизајнот на Samsung Galaxy S26, кои откриваат потенко куќиште, нов дизајн на камерата и Qi2 магнетна поддршка.
Според дијаграмите, основниот модел Galaxy S26 ќе има куќиште со дебелина од само 6,9 mm, што го прави 0,3 mm потенок од неговиот претходник, Galaxy S25.
На задната страна се наоѓа систем од три камери, поставени во вертикален овален модул, кој потсетува на дизајнот виден кај моделот Galaxy Z Fold 7.
Најинтересниот детал на скицата е прстенот на задната страна, за кој се верува дека е дел од новиот магнетен систем за безжично полнење Qi2. Ако овие информации се потврдат, Galaxy S26 ќе биде првиот уред на Samsung со целосна Qi2 сертификација.

Досегашните модели, вклучувајќи ги Galaxy S25 и Z Fold 7, ја носеа ознаката „Qi2 Ready“, што значеше дека за магнетно полнење беа потребни специјални маски со поддршка за тој стандард.
Се очекува уредот да има 6,3-инчен Dynamic AMOLED 2x екран со максимална осветленост до 3.000 нити, тројна камера со главен сензор од 50 MP, ултраширока камера од 50 MP и телефото сензор од 10 MP.
Уредот би требало да го напојува новиот 2nm Exynos 2600 чип, односно Snapdragon 8 Elite Gen 5 на одредени пазари. Предвидени се 12 GB RAM и опции од 256 или 512 GB внатрешна меморија. Батеријата со капацитет од 4.300 mAh ќе поддржува 25W жично и 15W безжично полнење.
Иако Samsung сè уште нема официјално коментирано за овие информации, сè повеќе детали сугерираат дека Galaxy S26 би можел да донесе значителен редизајн и технички подобрувања во однос на претходната генерација.


