Тенкиот и лесен iPhone Air се продава толку слабо што Apple одлучи да го одложи лансирањето на следната генерација iPhone Air, која требаше да излезе заедно со iPhone 18 Pro, објавува The Information.
Првично, Apple планирал да го објави новиот iPhone Air на есен 2026 година, но сега тоа нема да се случи. Откако iPhone Air беше лансиран во септември, се појавија бројни извештаи за слаби продажби и намалено производство. Синџирот на снабдување на Apple ги намалил испораките и производството. Според извештаите, добавувачот Foxconn ги демонтирал сите, освен една и пол од своите производни линии за iPhone Air, и се очекува целото производство да биде стопирано до крајот на месецот. Другиот добавувач, Luxshare, го прекинал производството уште на крајот на октомври.
Apple се надеваше дека уникатниот изглед на уредот ќе предизвика интерес, бидејќи тоа беше првата поголема дизајнерска промена кај iPhone по моделот iPhone X од 2017 година, кој воведе Face ID и екран без рамки. Сепак, создавањето на исклучително тенок iPhone од само 5.6 mm барало одредени компромиси – iPhone Air има помала батерија и само една задна камера, но сепак висока цена. Apple ја постави почетната цена на 999 долари, што очигледно е повеќе отколку што корисниците се подготвени да платат за „стил без содржина“. iPhone Air е само 100 долари поевтин од iPhone 17 Pro, кој има тројна задна камера и многу подобар век на батеријата.

Apple сè уште не успеал да најде четврти модел на iPhone што би се продавал добро заедно со стандардните и Pro моделите. Компанијата прво експериментираше со помалиот iPhone mini (5.4 инчи), кој имаше слаби продажби, а потоа премина на поголемиот iPhone Plus како поевтина верзија на Pro Max. Но и Plus моделите не успеаја, што доведе до појавата на iPhone Air.
Apple веќе планира поделен циклус на лансирање почнувајќи со моделите iPhone 18. Така, iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и преклопливиот iPhone се очекуваат на есен 2026 година, додека iPhone 18 и iPhone 18e ќе се појават на почетокот на 2027 година. Можно е следната генерација на iPhone Air да биде објавена заедно со iPhone 18 напролет.
Apple веќе работи на втора генерација на iPhone Air, со помала тежина, подобрено ладење преку парна комора и поголем капацитет на батеријата, но компанијата може повторно да го редизајнира уредот.


