Кредитната картичка на Apple ја поддржуваат Goldman Sachs и Mastercard, додека зад онаа на Samsung стојат Barclays и Visa.
Samsung планира да издаде своја кредитна картичка во САД, со што директно би ѝ конкурирал на Apple Card. Станува збор за проект што треба да се реализира во соработка со британската банка Barclays, додека за платната мрежа ќе биде задолжена Visa.
Според информациите на The Wall Street Journal, преговорите меѓу Samsung и Barclays наводно се во завршна фаза, но формалната објава би можела да следи дури кон крајот на годината. За двете страни, ова е стратешки потег – Samsung сака да ја зајакне својата позиција во областа на потрошувачките финансии, додека Barclays има цел да го прошири своето влијание на американскиот пазар.
Се наведува и дека кредитната картичка ќе претставува само дел од пошироките финансиски планови на Samsung. Компанијата планира да понуди и други услуги, како штеден акаунт со висок принос, дигитална предплатена сметка и опција „купи сега, плати подоцна“. Според извор близок до проектот, Barclays ќе ги поддржува барем дел од овие услуги.

Да се потсетиме, Samsung веќе има искуство со финансиски услуги во други региони. Во Јужна Кореја во 2020 година ја лансираше Samsung Pay Card во соработка со Mastercard, а истата година во Велика Британија претстави дигитална верзија на Pay Card. Во Индија, пак, во 2022 година издаде кредитна картичка во партнерство со Axis Bank.
Дали Samsung во иднина ќе ги прошири ваквите финансиски услуги и на европскиот пазар, засега останува непознато.


