Станува збор за апликација која е специјализирана исклучиво за следење на внесот на кофеин, при што не се потпира само на собирање на внесените милиграми, туку користи специфичен модел за да ја прикаже вистинската количина на кофеин во телото во секој момент.
Добро е познато дека кофеинот делува како силен стимуланс на нервниот систем, па кога се внесува прекумерна количина кофеин, може да се појават разни непријатни, па дури и опасни несакани ефекти. Caffeine Clock е потенцијално корисна апликација која е специјализирана токму за следење на дневниот внес на кофеин, но нуди и неколку посебни можности.
Имено, освен што овозможува едноставно евидентирање на внесот на кофеин, апликацијата се потпира на модел кој се обидува да прикаже што попрецизен податок за реалното ниво на кофеин во телото, наместо да се фокусира само на прикажување на внесената количина во милиграми. Со тоа оваа апликација всушност станува корисна алатка за да се види влијанието на кофеинот и да се процени како тој ќе влијае на сонот.

За проценката да биде точна, веднаш по првото стартување треба да се одговорат неколку прашања, по што апликацијата може нормално да се користи. Корисно е и тоа што Caffeine Clock дава препораки и предупредувања — на пример, кога треба да се престане со внес на кофеин за да се избегнат проблеми со спиењето.
Интерфејсот на апликацијата е едноставен и визуелно уреден, а доминира интерактивен графикон на кој може да се видат релативно прецизни вредности на кофеин. Внесувањето на податоци за консумирање кофеин е исто така лесно (постојат повеќе од 200 различни пијалаци во базата), а присутни се и неколку други детали. Апликацијата е бесплатна, но прикажува реклами кои може да се отстранат со плаќање од 4,99 евра.

