Meta на 10 февруари 2026 година ќе ги укине Facebook додатоците за „Like“ и „Comment“ на надворешни веб-страници, со што ќе стави крај на 15-годишното постоење на овие препознатливи функции.
Meta официјално потврди дека на тој датум ќе престане поддршката за „Like“ и „Comment“ додатоците што се користат на други веб-сајтови. Тоа значи дека копчињата за лајкување и коментирање преку Facebook профили повеќе нема да бидат видливи надвор од самата Facebook платформа.
Овие додатоци беа еден од најпрепознатливите симболи на Facebook уште од 2010 година, кога беа претставени и брзо станаа составен дел од многу медиумски портали и блогови. Тие им овозможуваа на корисниците да оставаат лајкови и коментари директно на други страници, користејќи ги своите Facebook профили.

Крај на една ера: Facebook ги гаси „Like“ и „Comment“ додатоците
Со промената на интернет навиките и падот на популарноста на ваквите социјални додатоци, нивната употреба значително се намали. Поради тоа, Meta планира целосно да ги отстрани, наведувајќи дека оваа одлука е дел од „еволуцијата на корисничкото искуство“ и преминот кон помодерни начини на интеракција.
Од наведениот датум, копчињата за лајк и коментар на надворешни страници автоматски ќе престанат да се прикажуваат, без притоа да предизвикуваат грешки во кодот или проблеми во функционирањето на веб-страниците. Програмерите нема да мора да преземаат никакви технички чекори, иако Meta препорачува рачно отстранување на застарените додатоци за почист кориснички интерфејс.

Со тоа завршува едно петнаесетгодишно поглавје на еден од најдолговечните Facebook елементи, кои во своето време донесоа револуција во начинот на кој корисниците се поврзуваат со интернет содржината.


