Доколку некоја апликација го надмине поставениот праг за работа во позадина, таа може да биде исклучена од Play Store, со предупредување дека предизвикува зголемена потрошувачка на батеријата на уредот.
Google најави дека од 1 март 2026 година Play Store ќе почне да прикажува предупредувања за апликации кои можат побрзо да ја трошат батеријата поради прекумерна активност во позадина.
Како што наведуваат во објавата на својот блог, овие предупредувања се засноваат на систем развиен во соработка со Samsung, наречен „excessive partial wake lock“ (прекумерно делумно будење на уредот), кој мери колку често апликациите го држат уредот „буден“ и со тоа трошат енергија дури и кога корисникот не ги користи.

Доколку апликацијата го надмине поставениот праг — повеќе од два часа неоправдана работа во позадина во рок од 24 часа — таа може да биде исклучена од препораките на Play Store, а на нејзината страница ќе се појави предупредување за зголемена потрошувачка на батерија.
Од Google велат дека апликацијата ќе се смета за проблематична ако повеќе од 5 проценти од корисничките сесии во период од 28 дена покажуваат прекумерни „wake lock“-ови. Од мерењата се изземени неопходни процеси како што се репродукција на звук или пренос на податоци.
Повеќе детали се достапни на блогот на Google.



