IBM, Google и Microsoft ја предводат трката за иднината во ерата на нови компјутери што ќе го променат светот од темел.
Замислете развој на нов лек, тестирање на автомобилска легура или финансиска симулација што, наместо со месеци, трае само неколку минути. Тоа е целта на квантните компјутери. Технологијата заснована на принципите на квантната физика би можела целосно да ги промени начинот и брзината со кои светот решава сложени научни и индустриски задачи.
IBM го претстави експерименталниот Loon процесор и Nighthawk квантниот чип, кои овозможуваат напредни пресметки во однос на своите претходници. Слични истражувања спроведуваат и Google, Microsoft и други технолошки компании, бидејќи според проценките на McKinsey & Company, квантното компјутерство до 2035 година може да ја зголеми глобалната економска вредност за дури 1,3 трилиони долари.
Како функционира квантен компјутер
За разлика од класичните компјутери кои користат битови (0 или 1), квантните компјутери користат квантни битови, односно кју-битови. Кју-битот може истовремено да биде и нула и единица, благодарение на феноменот суперпозиција. Тоа овозможува паралелна обработка на огромна количина податоци и експоненцијално поголема пресметковна моќ.

Оваа технологија нема да ги замени лаптопите и мобилните телефони, туку ќе се применува во области како што се хемијата, финансиите, медицината, материјалите и криптографијата. Компании како BMW и Airbusвеќе соработуваат со стартапот Quantinuum на развој на горивни ќелии преку квантни симулации, додека Biogenи Accenture Labs користат квантни алгоритми за откривање нови лекови.
Најголем предизвик: стабилноста на кју-битовите
Кју-битот е исклучително чувствителен, бидејќи дури и минимална промена на светлина или температура може да предизвика грешка во пресметките. IBM се обидува да го реши овој проблем преку Loon процесорот, дизајниран за стабилна работа дури и во услови на грешки, додека Nighthawk чипот може да обработува посложени логички „врати“ (gates) – основни елементи на квантното процесирање.
Google веќе го претстави чипот Willow, способен за само пет минути да изврши пресметки за кои класичните компјутери би имале потреба од 10 септилиони години, додека Microsoft со својот Majorana 1 чип користи нов материјал што може да создаде постабилни квантни состојби.

Кога пристигнува вистинската квантна ера
Според извештајот на McKinsey, 72% од технолошките лидери веруваат дека целосно функционален квантен компјутер ќе се појави до 2035 година, додека IBM предвидува дека таа граница ќе се достигне до крајот на оваа деценија.
Кога квантното компјутерство ќе ја достигне својата зрелост, тоа би можело да отвори ново поглавје во науката, економијата и безбедноста на податоците – поглавје што трајно ќе го промени начинот на кој светот размислува за компјутерите.


