Новата хардверска поставка на Valve ги вклучува Steam Machine, освежениот Steam Controller и VR-наглавниот уред Steam Frame. Цените засега не се познати, но излегувањето на пазарот е најавено за првата половина на 2026 година.
Valve претстави три нови уреди во рамките на линијата Steam Hardware, кои се надоврзуваат на Steam Deck — преносната конзола на компанијата која е на пазарот веќе неколку години. Цените на уредите сè уште не се објавени, но е познато дека ќе се појават во првата половина на 2026 година и ќе се продаваат во истите региони како и Steam Deck.

Steam Machine
Првиот и веројатно најзначаен уред е новиот Steam Machine. Иако концептот на Steam Machine постои веќе околу 10 години преку различни уреди од други брендови, ова е првпат Valve да создаде своја верзија. Станува збор за компактна, коцкаста конзола која во суштина претставува Steam Deck за телевизорот во дневната соба.
Steam Machine користи полуприлагоден AMD-чип со шестјадрен CPU заснован на Zen 4 архитектура, кој работи до 4,8 GHz со TDP од 30 W. Според спецификациите, процесорот е сличен на Ryzen 5 7400F, но со значително пониска потрошувачка. Во овој случај е спарен со AMD RDNA 3 GPU со 28 compute units, такт до 2,45 GHz и TDP од 110 W. GPU-то наликува на нешто послаба верзија од Radeon RX 7600.

Valve го спарува ова и со 16 GB DDR5 RAM и 8 GB GDDR6 VRAM. Иако веќе е покажано дека 8 GB VRAM може да биде недоволно за модерни игри дури и на Full HD, Valve ја рекламира конзолата како 4K-уред. Што се однесува до складирање, достапни се верзии од 512 GB и 2 TB, а меморијата може да се прошири и со microSD-картичка — што значи дека истите картички од Steam Deck може да се користат без реинсталација.
Steam Machine поддржува современи стандарди за конекција како Wi-Fi 6E, Bluetooth 5.3 и наменски 2.4 GHz безжичен адаптер за Steam Controller. На задната страна се наоѓаат DisplayPort 1.4 (до 4K 240 Hz), HDMI 2.0 (до 4K 120 Hz), два USB-A 3.2 Gen 1, два USB-A 2.0, еден USB-C 3.2 Gen 2 и Gigabit Ethernet. Напред има RGB LED лента која може да го покажува статусот на преземања, а предната маска е заменлива за персонализација.

Од софтверска страна, уредот користи SteamOS оптимизиран за ТВ, а за корисниците кои сакаат класичен интерфејс, достапен е и KDE Plasma десктопот, претворајќи го Steam Machine во мини-ПК по потреба.
Steam Controller
Valve го претстави и новиот Steam Controller кој со дизајнот и распоредот на копчиња и аналогни палки наликува на Steam Deck. Палките ја користат втората генерација на магнетна технологија на Valve за подобро чувство, одзив и сигурност, како и капацитивни површини за motion контроли. Присутни се HD-хаптики и жироскоп со 6 оски.
Под палките се наоѓаат два тракпади – корисни за навигација во SteamOS или за игри кои поддржуваат глувче, но не и контролер. Ова беше клучна карактеристика на првата генерација Steam Controller, но сега е подобро интегрирана во класичниот дизајн. На задната страна има две копчиња на секој држач и капацитивна површина која детектира дали го држите контролерот. Има и магнетски конектор на кој се прикачува мал кружен модул („puck“) што служи како безжичен приемник за спојување со Steam Machine. Покрај тоа, контролерот има и USB-C приклучок.

Steam Controller доаѓа во пакет со секој Steam Machine. Работи нативно преку прилагодена 2.4 GHz врска со латентност од 8 ms и polling rate од 4 ms. На еден Steam Machine може да се поврзат до четири контролери. Може да се користи и на Windows PC преку USB или Bluetooth, а батеријата треба да трае повеќе од 35 часа.
Steam Frame
Valve го претстави и Steam Frame — VR-наглавен уред кој е замислен првенствено како безжичен streaming уред. Со него доаѓа адаптер кој се поврзува со PC, Steam Machine или Steam Deck и одржува одвоени врски за streaming и Wi-Fi за да се избегне загушување на преносот на слика. Уредот има два LCD екрани со резолуција од 2160 x 2160 и освежување до 144 Hz.
Наместо целата слика да ја прикажува во максимален квалитет, Steam Frame во висока резолуција го прикажува само делот во кој корисникот гледа. Ова го овозможуваат камерите со следење на очите. Тука се и надворешните камери за следење на движењата на наглавниот уред и контролерите, како и инфрацрвени LED диоди за работа во затемнети простории.

Steam Frame доаѓа со контролери кои користат втора генерација на магнетни аналогни палки и работат на AA батерии со траење околу 40 часа. Најголемата специфика е што уредот функционира како самостоен компјутер со SteamOS.
Уредот го придвижува Snapdragon 8 Gen 3 со 16 GB RAM и до 1 TB UFS меморија, а користи батерија од 21,6 Wh. Благодарение на ова, наглавниот уред може да работи целосно автономно, да покренува PC-игри преку Flex емулатор, а поддржани се и Android-игри. Valve најавува дека наскоро ќе објави и developers kit за подобра компатибилност и оптимизација.


