Новите облици и подобрувања на постојните бројчаници на Apple Watch часовниците, како и поумните сугестии на екранот, пристигнуваат со софтверската верзија watchOS 26.
Бројчаниците се едни од најважните делови на Apple Watch искуството, бидејќи ги користите и ги гледате секојдневно, а watchOS 26 носи три големи промени и подобрувања кои ги прават уште поубави, пофункционални и поумни.
1. Целосно нови бројчаници
Како и во поголемите watchOS изданија, Apple додава нови опции. Оваа година пристигнуваат четири нови бројчаници:
- Exactograph – современа визија на часовник, ги раздвојува часовите, минутите и секундите за попрецизно читање на времето.
- Flow – ги прикажува бројките со Liquid Glass ефект кој ја прекршува светлината низ флуидна обоена сфера и реагира на движењата на зглобот.
- Waypoint – претставува жив компас кој ја покажува вашата позиција во однос на зачуваните локации и точки од интерес во апликацијата Maps (достапно на Apple Watch Ultra).
- Hermès Faubourg Party – анимиран бројчаник со ликови кои се појавуваат во зависност од делот од денот или движењето (достапно на Apple Watch Hermès моделите).
Flow и Waypoint се истакнуваат како најинтересни додатоци во оваа генерација.

2. Подобрувања на постојните бројчаници
Најпопуларниот бројчаник, Photos, доби две важни надградби:
- Liquid Glass стил на прикажување на времето
- Опцијата Featured Photos која автоматски ги прикажува најдобрите фотографии од галеријата
Новата „Glass“ колорит палета овозможува подобро да се гледа фотографијата под часовникот, вклопувајќи се во новиот системски Liquid Glass визуелен стил.
Покрај тоа, watchOS 26 ја проширува поддршката за прикажување секунди во always-on режимот кај голем број бројчаници, како и кај поновите модели Apple Watch (Ultra 3 и Series 11).

3. „Hints“ – паметни сугестии директно на бројчаникот
Најголемата функционална новина е појавата на „hints“ – сугестии на дното од бројчаникот, визуелно прикажани во Liquid Glass темата.
Тие доаѓаат од унапредениот Smart Stack систем, кој во watchOS 26 користи:
- контекстуални податоци
- сензорски податоци
- информации за корисничката рутина
…за да го прикаже најкорисниот предлог во вистинскиот момент.
Пример: Apple Watch може да предложи Backtrack кога сте на оддалечена локација без сигнал, или Pilates тренинг кога ќе пристигнете на вообичаеното место и време за вежбање.
За разлика од претходните верзии, сега предлозите се појавуваат директно на бројчаникот, без потреба рачно да го отворате Smart Stack, пишува 9to5Mac.


