Нова анализа потврдува дека Месечината има цврсто јадро со густина слична на железо, што го менува разбирањето за нејзината еволуција.
Детална анализа објавена во 2023 година покажа дека внатрешното јадро на Месечината е цврста сфера со густина блиска до железо. Ова откритие би можело да стави крај на долгогодишната расправа дали јадрото на Месечината е цврсто или стопено и да овозможи поточно разбирање на нејзината историја, а со тоа и на развојот на целиот Сончев систем.
Тим астрономи предводен од Артур Брио од францускиот CNRS наведува дека новите сознанија ги потврдуваат сценаријата за превртување во обвивката на Месечината, каде погуст материјал тоне кон центарот, додека поредок се издигнува кон површината. Овој процес, кој претходно беше само теоретски, сега добива силна поддршка од податоците и го објаснува присуството на одредени елементи во вулканските региони на Месечината.

Screenshot
Новите откритија го менуваат разбирањето за потеклото и внатрешната структура на Месечината
Иако NASA располага со сеизмички податоци од мисиите Аполо, нивната резолуција не беше доволна за да ја разјасни природата на внатрешното јадро. За да ги разјаснат деталите, истражувачите комбинирале податоци од вселенски мисии, ласерски мерења на дистанцата и анализи на густината на Месечината. Со моделирање на различни структури на јадрото, утврдиле дека најдобро одговара комбинација од течно надворешно и цврсто внатрешно јадро.
Според проценките, течниот слој на јадрото има пречник од околу 362 километри, додека цврстото јадро достигнува околу 258 километри, што претставува околу 15 проценти од вкупниот радиус на Месечината.
Густината на внатрешното јадро изнесува околу 7.822 kg/m³, речиси идентична со железото. Слични резултати биле добиени и во претходната анализа на NASA во 2011 година, што сега добива официјална потврда преку независни модели.
Оваа структура укажува дека Месечината некогаш имала силно магнетно поле, кое почнало да слабее пред околу 3,2 милијарди години. Бидејќи магнетното поле се создава со движењето на материјалот во јадрото, разбирањето на неговиот состав е клучно за објаснување на исчезнувањето на оваа заштитна сила. Со оглед на тоа што се подготвуваат нови мисии и враќањето на луѓето на Месечината, се очекува во следните години да се спроведат нови сеизмички мерења што дополнително ќе ги потврдат овие заклучоци, пренесува Science Alert.
