Компанијата Cloudflare – еден од водечките играчи во управувањето со клучната интернет-инфраструктура и провајдер на услуги за безбедност и дистрибуција на содржини за околу една петтина од сите веб-страници – утрово се соочи со сериозен глобален прекин во работењето.

Поради падот на системот на Cloudflare, беа недостапни речиси сите онлајн медиуми во Македонија, вклучувајќи ги и популарните агрегатори на вести. Cloudflare обезбедува алатки за да им помогне на веб-страниците да се борат против сајбер нападите и ефикасно да вчитуваат содржини.

Cloudflare призна дека се свесни за проблемот со пристапот до бројни интернет-страници во сите делови од светот кои зависат од нивните услуги. Меѓу погодените се социјалната мрежа X, ChatGPT, Downdetector (кој треба да детектира дали некои страници се офлајн или онлајн), онлајн играта League of Legends, Spotify, Amazon и цела група други глобални веб-страници и интернет-услуги.

Проблемите започнаа попладне и првенствено ги погодија платформите кои имаат автентикација. Така, некои платформи можат да се користат од корисници кои не се најавени, но е невозможно да се пристапи до личните профили.

„Cloudflare е свесен за проблемот и истражува проблем кој потенцијално влијае на повеќе клиенти“, објави компанијата во ажурирање на статусот кратко пред 7 часот наутро. „Работиме на разбирање на целосното влијание и ублажување на овој проблем“.

Прекинот доаѓа речиси еден месец откако Amazon Web Services имаше проблеми со својата услуга, прекинувајќи широк спектар на онлајн услуги со часови.