По повеќегодишно одбивање и силно инсистирање на сопствен софтвер, според новите извештаи, во Tesla започнале со интерно тестирање на Apple CarPlay во своите електрични возила.
Американскиот производител на електрични автомобили Tesla, познат по својот затворен (и еден од најдобрите во светот) инфотејнмент екосистем, наводно работи на интеграција на платформата Apple CarPlay во своите возила. Оваа вест, првично објавена од доверливиот новинар на Bloomberg, Марк Гурман, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, претставува значителен пресврт во долгогодишната стратегија на компанијата.
Притисок од пазарот и купувачите
Со години сопствениците на Tesla и потенцијалните купувачи се жалеа на недостигот од можност за поврзување со системот на Apple, а изгледа дека компанијата на Маск конечно попуштила под притисок. Според достапните информации, интерните тестирања веќе започнале, а надградбата би можела да им стане достапна на корисниците во наредните месеци.
Освен што се работи за пресврт за Tesla, можната интеграција на CarPlay означува и промена во ставот на нејзиниот извршен директор Илон Маск, кој отсекогаш одбивал да ги имплементира системите за пресликување на паметни телефони како Apple CarPlay и Android Auto. Наместо тоа, компанијата инсистираше на користење исклучиво на сопствениот софтвер за сите функции на возилото — од навигација до забава. Главните причини за таквиот став се поттикнување на корисниците да ги користат услугите на Tesla и да го плаќаат пакетот Premium Connectivity, а не треба да се заборави ни одредената анимозност на Маск кон Apple.

Одлуката за промена на стратегијата најверојатно е поттикната од желбата за зголемување на продажбата и силно изразените барања на купувачите. Истражувањата покажале дека недостигот од поддршка за CarPlay е клучен фактор за многу купувачи при избор на ново возило. Студија на McKinsey & Co. открила дека за приближно третина од потенцијалните купувачи на електрични и конвенционални возила, непостоењето на Apple CarPlay или Android Auto претставува причина да се откажат од купување, што значи дека Tesla потенцијално губела илјадници продажби месечно.
Делумна интеграција
Интеграцијата, еднаш кога ќе се овозможи, нема целосно да го замени постојниот оперативен систем на Tesla. Планот е да се понуди стандардната, безжична верзија на CarPlay, која ќе се прикажува во прозорец на главниот екран, а не напредната верзија CarPlay Ultra, која може да го преземе целосниот интерфејс и инструмент-таблата. Тоа значи дека клучните функции на возилото и понатаму ќе се управуваат преку софтверот на Tesla, додека CarPlay ќе служи како дополнителна опција во рамките на него.
Корисниците ќе можат безжично да ги поврзат своите iPhone уреди и да ги користат познатите апликации како iMessage, Apple Music и Apple Maps, со што ќе го добијат она основно што им е важно, а Tesla сепак ќе ја задржи контролата врз клучните функции на возилото. Сè уште нема официјална потврда ниту точен датум кога оваа функција би можела да стане достапна. Се шпекулира дека CarPlay би можел да се појави како дел од традиционалното „празнично ажурирање“ на софтверот, кое Tesla обично го објавува во декември.

