Моделите покажуваат дека Земјата за околу милијарда години може да го загуби поголемиот дел од кислородот, што би довело до крај на животот каков што го познаваме денес.
Кислородот во атмосферата на Земјата е клучен за животот и нашиот опстанок, но неговата количина не е неограничена. Иако често се говори за кислородот како за најважна компонента на воздухот, најзастапен гас е всушност азотот – со околу 78 проценти. Кислородот е на второ место со околу 20 проценти, но научните истражувања укажуваат дека овие вредности во далечната иднина драстично ќе опаднат. Според една студија, Земјата за околу милијарда години ќе остане без атмосфера погодна за дишење.
Научниците Казуми Озаки (Универзитет Тохо) и Кристофер Рејнхард (Државен технолошки универзитет Џорџија) развиле компјутерски модел со кој ја симулирале иднината на Земјината атмосфера. По речиси 400.000 симулации, резултатите ги објавиле во списанието Nature Geoscience во 2021 година. Заклучокот бил јасен: атмосферата богата со кислород ќе исчезне за приближно милијарда години. Иако овој настан нема да нè погоди нас, многу експерти веруваат дека токму губењето на кислородот ќе го означи конечниот крај на комплексниот живот на Земјата.

Зошто ќе исчезне кислородот и каков живот ќе може да опстане?
Главната причина за идното исчезнување на кислородот ќе биде Сонцето. Во следните милијарда години сончевото зрачење ќе биде околу 10 проценти посилно отколку денес, што ќе ја зголеми температурата и ќе ги дестабилизира гасовите во атмосферата. Притоа количеството јаглерод диоксид ќе почне да се намалува. Иако CO₂ често се смета за штетен гас, тој е неопходен за фотосинтеза. Без него растенијата не можат да произведуваат кислород, што значи дека животните би останале без воздух. Климатските промени дополнително го забрзуваат намалувањето на ефикасноста на фотосинтезата, па за околу милијарда години би можело да има и до еден милион пати помалку кислород отколку денес.
Меѓутоа, животот нема целосно да исчезне. За да се предвиди каков свет би постоел тогаш, мора да се погледне далечното минато. Кога Земјата се формирала пред околу 4,5 милијарди години, атмосферата речиси немала кислород и била составена од метан, јаглерод диоксид и водена пареа. И покрај тоа, анаеробните микроорганизми успеале да преживеат во тогашните океани. Дури со појавата на цијанобактериите пред околу 2,7 милијарди години, Земјата добила кислород во атмосферата.

Ако во иднина кислородот навистина исчезне, планетата ќе се врати во состојба слична на онаа пред појавата на цијанобактериите. Анаеробните организми, кои и денес постојат насекаде низ планетата, би биле единствените суштества способни за опстанок, додека целиот комплексен живот би исчезнал, пренесува BGR.


