Најновата верзија на Chrome Canary воведува вистински вертикални табови со целосни наслови, пребарување и поддршка за групи на табови.
По години чекање и бројни експериментални обиди, Chrome конечно доби вистинска верзија на вертикални табови — функција која Microsoft Edge ја користи со години, а која Vivaldi и Firefox одамна ја популаризираа.
Вертикалните табови се појавија во најновото издание на Chrome Canary и не се скриени зад комплексни поставки, туку се активираат директно од контекстното мени. Доволно е со десен клик на лентата со табови да се избере опцијата Show tabs to the side, и сите отворени табови веднаш се распоредуваат вертикално на левата страна од екранот.

Како функционираат вертикалните табови во Chrome
Раните тестови покажуваат дека имплементацијата е изненадувачки стабилна за Canary верзија. Насловите на табовите се прикажуваат во целосна ширина, што ги прави многу попрегледни отколку кога се подредени хоризонтално. На врвот од страничната лента има пребарување на табовите, а целата лента може практично да се „склопи“ за да ослободи простор по потреба.
Постоечките групи табови функционираат без ограничувања и се наоѓаат во долниот дел од панелот. Ако на корисникот не му одговара распоредот, враќањето на класичниот изглед се прави на ист начин — преку опцијата Show tabs at the top.

Ова не е само визуелна промена, туку функционално прилагодување на современите широки монитори кои имаат многу повеќе хоризонтален отколку вертикален простор. Преместувањето на табовите во страничен панел ослободува дополнителна висина за прикажување содржина и го олеснува работењето со голем број отворени страници.
Иако функцијата сè уште е во Canary фаза и може да има ситни проблеми, фактот дека веќе е активна сугерира дека многу скоро ќе пристигне и во стабилната верзија на Chrome, пренесува Chrome Unboxed.


