Заедно со новите AI функции за кои се зборува уште од почетокот на ноември, iOS 27 треба да донесе и значајни подобрувања во перформансите.
По годината во која Apple го редефинираше визуелниот изглед на своите платформи со Liquid Glass интерфејсот, голем дел од корисниците почнаа да се жалат на стабилноста и квалитетот на софтверот. Сега компанијата конечно прави чекор назад – со фокус на перформансите наместо на визуелни и функционални новитети.
Според најновите информации на Марк Гурман од Bloomberg, iOS 27 и macOS 27 ќе бидат „Snow Leopard“ тип на ажурирања, насочени кон подобрување на основната инфраструктура. Инженерските тимови веќе активно ги прегледуваат системите, отстрануваат багови, оптимизираат бавни делови и го намалуваат непотребниот „bloat“ за да го подигнат целокупниот квалитет.
Овие промени ќе послужат како темел за идните генерации уреди, вклучувајќи ги и долгоочекуваните преклопливи iPhone модели.

Иако Apple го намалува бројот на новитети, компанијата нема целосно да се откаже од воведување нови функции. За да остане конкурентна на полето на вештачката интелигенција, iOS 27 ќе донесе неколку клучни AI можности – нов AI агент фокусиран на здравје, можен Health+ претплатнички сервис и првото Apple AI пребарување на интернет.
Овие функции ќе дојдат веднаш по воведувањето на „AI-infused“ Siri во iOS 26.4, која се очекува да работи на специјално изведена верзија на Google Gemini, оптимизирана за Apple Private Cloud Compute.
Со iOS 27, Apple се враќа кон основите – побрз, постабилен и поквалитетен софтвер, со внимателно избрани AI надградби.


