Исклучително високата резолуција овозможува густина од 224 пиксели по инч на дијагонала од 32 инчи, а покрај тоа овој IPS Black монитор има висока осветленост, HDR поддршка, богата опрема што вклучува два Thunderbolt 5 конектори и покрива 99,5% од Adobe RGB спектарот.
Според дизајнот и можностите, LG UltraFine 32U990A дава впечаток дека покрај PC пазарот, се насочува и кон Mac корисниците, бидејќи високата 6K резолуција и густината на пиксели ги исполнуваат стандардите на Retina екраните. Освен со резолуцијата, овој монитор се истакнува со богат сет на конекции, привлечен дизајн и ергономија, а се базира на IPS Black панел кој има повисок контраст во споредба со стандардните IPS монитори.

Ако се изземе многу широкиот држач кој со металната база формира буквата L, дизајнот е прилично минималистички и се истакнува со тенки рамки околу екранот, многу тенок профил и чиста задна страна на која, покрај LG логото, се наоѓаат сите конектори. Во овој дел, покрај HDMI 2.1 и DisplayPort 2.1, LG вградува два Thunderbolt 5 приклучоци (еден со 90 W), три USB-C порти и 3,5 mm аудио излез. Една од идеите е поврзување на два вакви монитори во daisy-chain конфигурација, што би било крајно професионално решение за креативците за кои мониторот е наменет. Мониторот нуди и напредна ергономија: зглобот помеѓу држачот и екранот овозможува подесување по висина, наклон и ротација во портрет-ориентација.

Основата на LG UltraFine 32U990A е IPS Black панелот, кој има двојно поголем контраст од стандардните IPS модели и така се доближува до VA панелите, задржувајќи ги предностите на IPS – како одлична видливост под агол и прецизен приказ на бои. Сепак, вистинската ѕвезда тука е огромната резолуција од 6144 × 3456 пиксели, која во промотивните материјали е насочена кон креативните професионалци. Освен што покрива 99,5% од Adobe RGB и 98% од DCI-P3 спектарот, овој 10-битен монитор доаѓа со сертификат VESA DisplayHDR 600 и специјален Studio режим со три калибрирани пресети за Mac корисници. LG UltraFine 32U990A има и висока осветленост од 450 cd/m², а единствена забелешка може да биде стапката на освежување од 60 Hz.

Покрај HDR поддршката, мониторот доаѓа и со KVM прекинувач, па можете лесно да контролирате повеќе уреди со една периферија и да поставите слика до слика или слика во слика. Мониторот има и два стерео звучника од по 5 W. Овој монитор сè уште не е широко достапен на домашниот пазар, но некои онлајн продавници го нудат по цена од 2170 евра.



