Озонската дупка над Антарктикот е значително помала во 2025 година отколку во претходните години, рангирајќи се како петта најмала од 1992 година, според новиот извештај на научниците од NOAA и NASA.
Озонската дупка достигна својот најголем еднодневен обем за 2025 година на почетокот на септември, мерајќи 8,83 милиони квадратни милји, што е околу 30% помалку од најголемата дупка забележана во 2006 година.
Таканаречената „озонска дупка“ не е вистинска дупка во озонскиот слој на планетата, туку голема област во стратосферата на Земјата со исклучително ниски концентрации на озон.

ФОТО: NASA
Научниците од NOAA и NASA нагласуваат дека неодамнешните наоди покажуваат дека напорите за ограничување на хемиските соединенија што ја оштетуваат озонската обвивка можат да имаат значително влијание.
Регулациите се воспоставени со Монтреалскиот протокол, кој стапи на сила во 1992 година. Потоа донесените амандмани овозможуваат постепено закрепнување на озонската обвивка, која сè уште е на пат кон целосно обновување подоцна во овој век, бидејќи земјите ширум светот ги заменуваат штетните супстанции со побезбедни алтернативи.
„Овагодишната дупка ќе беше поголема за повеќе од милион квадратни милји ако во стратосферата сè уште имаше исто толку хлор како пред 25 години“, рече Пол Њуман, повисок научник на Универзитетот Мериленд и долгогодишен лидер на тимот на NASA за истражување на озонот.
Децении наназад, хлорофлуоројагленици (CFC) и други соединенија што ја оштетуваат озонската обвивка широко се користеа во аеросолни спрејови, пени, клима-уреди и фрижидери, предизвикувајќи значително намалување на нивото на озон.
Природни фактори, како температурата и атмосверската циркулација, исто така влијаат на концентрациите на озон и веројатно придонеле за помалата озонска дупка оваа година, според истражувачите.
Озонската обвивка на Земјата делува како планетарен крем за сончање, штитејќи ги луѓето, животните и растенијата од штетното ултравиолетово зрачење. Кога нивото на озон опаѓа, повеќе UV-зраци допираат до површината, зголемувајќи го ризикот од негативни ефекти врз здравјето и околината, како што се оштетување на културите, рак на кожа и катаракта.

