Покрај очекуваните надградби на MacBook Air и MacBook Pro со нови чипсети, Apple наводно подготвува целосно нов и поевтин 12,9-инчен MacBook со A18 Pro SoC.
Apple на почетокот на следната година планира да ја освежи речиси целата линија на своите лаптопи, што вклучува нов MacBook Air со M5 чип, надграден MacBook Pro со M5 Pro и M5 Max чип, како и целосно нов, поевтин 12,9-инчен MacBook.
Како што пренесува 9to5Mac, новиот MacBook Air ќе го задржи истиот дизајн како актуелниот модел со M4 SoC и ќе продолжи да биде достапен во големини од 13 и 15 инчи. Се очекува само мало освежување на боите и неколку помали подобрувања, а продажбата би можела да започне меѓу февруари и март 2026 година.
Што се однесува до MacBook Pro, новите модели со M5 Pro и M5 Max SoC-ови ќе претставуваат само помоќни верзии на актуелната 14-инчна варијанта. Покрај новите SoC-ови, ќе имаат и побрз SSD и поголем мемориски проток, што секогаш е корисно. Дизајнот, сепак, ќе остане ист. Во тој поглед, поголема промена се очекува дури кон крајот на 2026 година.

Но, најинтересната новост ќе биде поевтиниот MacBook кој треба да го носи едноставното име „MacBook“. Гласините наведуваат дека ќе има 12,9-инчен екран, A18 Pro SoC од iPhone и цена која во САД не би требало да надмине 700 долари. Бидејќи ќе биде најевтиниот MacBook наменет за помлади корисници, така и боите ќе бидат повесели — покрај класичната сребрена, се очекуваат и сина, розова и жолта.


