Apple го најави пензионирањето на Џон Џианандреа, клучната личност за AI стратегијата од 2018 година. Него ќе го наследи Амар Субраманја од Microsoft, што сигнализира нова ера за Siri и Apple Intelligence.
Во денешното соопштение, Apple објави дека во пензија заминува Џон Џианандреа човекот кој од 2018 година ја водеше стратегијата за машинско учење и вештачка интелигенција во компанијата. Неговото доаѓање пред седум години беше голема работа. Apple тогаш го „отепа“ од Google во обид да ја стигне конкуренцијата, која веќе имаше помоќни дигитални асистенти. Наместо очекуван напредок, Џианандреа на крајот го дочека моментот во кој Siri, најпрепознатливиот AI производ на Apple, важи за застарен реликт од времето пред ChatGPT.
Паралелно со објавата за неговото заминување, Apple соопшти и дека во тимот се приклучува Amar Subramanya како нов потпретседател за AI, кој доаѓа директно од Microsoft, каде го водеше развојот на вештачката интелигенција. Компанијата нагласува дека Субраманја ќе биде клучен за „идните Apple Intelligence функции“, што јасно покажува во кој правец се движи Apple.

Иако Siri постои многу подолго од присуството на Џианандреа во Apple, токму годините кога тој беше дел од компанијата беа обележани со сè поголемо заостанување зад конкуренцијата. Додека Google Assistant и Alexa одамна влегоа во ерата на флексибилни, на LLM засновани одговори, Siri најчесто остана ограничена на сет детерминистички команди.
Најдобар пример за тоа заостанување е решението воведено во iOS 18.2: кога Siri не го знае одговорот, едноставно го проследува барањето кон моделот на OpenAI. Тешко е да не се види тоа како признавање пораз.
Ситуацијата дополнително ескалираше кога беше откриено дека Џианандреа повеќе не го води Siri тимот, како и со минатомесечната информација дека идната генерација на Siri можеби нема да го користи внатрешниот модел на Apple, туку технологија од Google. Иронично, но Apple можеби ќе треба да плати на конкурент за да го унапреди сопствениот асистент.

Субраманја, кој 16 години работеше на проектите Google Gemini, ја презема улогата во момент кога Apple се обидува конечно да ги достигне стандардите во 2026 година. Неговото искуство сугерира дека следната верзија на Siri веројатно ќе има многу повеќе модерни AI способности и конечно ќе може да извршува задачи типични за LLM асистенти.
Сепак, останува големо прашање: дури и ако Siri наскоро го достигне современото ниво, колку долго тоа ќе биде доволно? Трката во AI просторот се забрзува секој ден, а Apple во оваа област сè почесто е во позиција на оној што доаѓа доцна, наместо да предводи.
Џианандреа официјално ќе замине во пензија напролет следната година, означувајќи крај на една ера и почеток на нова AI стратегија во Купертино.

