Многу корисници на Netflix го претпочитаат безжичното пренесување содржина од мобилен телефон на телевизор, затоа што овозможува поедноставна навигација и полесно управување, но тоа повеќе нема да биде можно.
Netflix без никаква претходна најава го укина безжичното пренесување содржина од мобилни телефони на телевизори. Како што дознава Android Authority, промената неодамна почнала да се воведува, а со неа целосно исчезна и опцијата Cast од мобилната апликација на Netflix.
„Netflix повеќе не поддржува безжично пренесување серии и емисии од мобилни уреди на поголемиот дел од телевизорите и уредите за ТВ-стриминг. За управување со апликацијата и навигација низ содржината потребно е да го користите далечинскиот управувач кој е испорачан со вашиот ТВ или стриминг-уред“, стои на официјалната страница на Netflix.

Единствен исклучок од оваа промена се постарите модели на Chromecast и телевизорите кои го поддржуваат системот Google Cast. Но, и покрај тоа, сето ова потсетува на 2019 година кога Netflix го укина AirPlay со објаснување дека сака да обезбеди задоволителен стандард на квалитет на прикажување на содржината.



