Џони Сроуџи, клучниот архитект и дизајнер на Apple Silicon процесорите, наводно побарал да замине од компанијата
Apple во последните месеци се соочува со сериозен одлив на најквалитетните стручњаци, додека конкуренти како Meta агресивно регрутираат врвни инженери за развој на вештачка интелигенција. Најновите извештаи укажуваат дека компанијата би можел да ја напушти и еден од најважните луѓе во нејзината понова историја – Џони Сроуџи, архитектот на Apple Silicon чиповите.
Џон Сроуџи, постар потпретседател задолжен за хардверски технологии, размислува да премине во друга компанија и за своите намери веќе го информирал извршниот директор Тим Кук. Заминувањето на Сроуџи би можело да биде најголемиот удар за Apple во ерата на вештачката интелигенција.
Apple наводно се обидува да го задржи по секоја цена, вклучувајќи проширување на неговите овластувања и значително зголемување на компензацијата, а дел од менаџментот дури предлага Сроуџи да ја преземе улогата директор за технологија.

Овој потенцијален губиток доаѓа во најтешкиот момент, кога Apple бележи заостанување во развојот на AI технологиите, што според извори довело до пад на моралот во рамки на развојните тимови. Во исто време, Meta и други компании вложуваат огромни суми за привлекување експерти – така Meta неодамна го презеде долгогодишниот Apple дизајнер Алан Дај за развој на AI очила, како и клучниот AI директор Руоминг Панг. Во меѓувреме, неколку други високи раководители заминаа во пензија, што е јасен знак дека Apple се соочува со сериозна кадровска криза.
Bloomberg оценува дека ова е еден од најнестабилните периоди за Apple откако Тим Кук е на чело на компанијата. Имајќи предвид дека Apple веќе повеќе од деценија нема лансирано нова категорија производи, конкурентите сега многу полесно привлекуваат таленти, што дополнително го зголемува притисокот врз компанијата од Купертино.


