Само неколку дена откако Netflix постигна договор за откуп на студиските и стриминг-деловите на Warner Bros. Discovery за 82,7 милијарди долари, стигна нова понуда – непријателска, но поатрактивна за акционерите.
Иако изгледаше дека преземањето на студиските и стриминг-деловите на Warner Bros. Discovery, а со тоа и на HBO, од страна на Netflix е завршено, Paramount Skydance, предводен од Дејвид Елисон, излезе со нова понуда. Во договор вреден вкупно 82,7 милијарди долари, Netflix понуди 27,75 долари по акција, додека Paramount Skydance ја крена својата понуда на 30 долари по акција, што изнесува вкупно 108 милијарди долари.
Со овој „непријателски“ потег, Paramount Skydance ги опфати и деловите од компанијата што Netflix не планираше да ги купи, вклучувајќи ги и кабловските канали. Портпаролите на компанијата соопштија дека со оваа стратешка и финансиски привлечна понуда сакаат да претстават супериорна алтернатива на договорот што минатата недела беше склучен со Netflix. Дополнително, компанијата најави дека сака да избегне регулаторни компликации и ризици, а на акционерите да им овозможи побрз и поедноставен заклучок на соработката во споредба со Netflix.

Во своето соопштение, Paramount нагласи дека Netflix, покрај тоа што „нуди инфериорна и несигурна вредност“, ги изложува акционерите на Warner Bros. Discovery и на „долготраен процес на регулаторно одобрување во повеќе јурисдикции со неизвесен исход.“ Бидејќи дури и пред оваа понуда спојувањето на Netflix со Warner Bros. чекаше регулаторни одобрувања во САД и во странство, изгледа дека ова натпреварување сè уште не е завршено.
Netflix и понатаму има потенцијална предност, но претставниците на Paramount Skydance не планираат да се откажат. Во своето отворено писмо тие наведоа дека Warner Bros. „се откажал дури и од привид на фер процес на трансакција“, па не е изненадувачки што се обратија директно до акционерите. Одлуката е во рацете на Warner Bros., но со оваа понуда битката повторно стана крајно неизвесна.


