OpenAI го лансираше ChatGPT 5.2 како одговор на Google Gemini, но првичните реакции на корисниците се исклучително негативни.
Новиот AI модел на најпопуларниот четбот во светот, GPT-5.2, е достапен само еден ден, а социјалните мрежи веќе се преплавени со коментари од корисници кои го изразуваат своето незадоволство. Со овој потег OpenAI се обиде да ја демонстрира својата сила во борбата против импресивниот модел Gemini 3 на Google, но се чини дека првиот впечаток не помина славно.
Како што пренесува TechRadar, на Reddit е покрената дискусија во која се собраа некои од најлојалните корисници за да разговараат за слабостите на новиот модел, за кој извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, изјави дека е „најпаметниот општо достапен модел во светот“.

„Премногу корпоративен, премногу ‘безбеден’. Чекор наназад во однос на 5.1“, пишува кратко во еден од најлајкуваните коментари.
Имено, корисниците масовно се жалат на недостаток на „искра“ и креативност. Велат дека е „досаден, рамнодушен кон интеракцијата и дека делува како корпоративен бот“. Понатаму, некои одат и чекор подалеку и напоменуваат дека новиот модел е уште полош од претходниот, кој исто така не беше позитивно прифатен.
Секако, како што обично се случува при лансирање на нови производи, тешко е веднаш да се согледа пошироката слика. Оние што се незадоволни секогаш се погласни од мнозинството, а во овој случај зборуваме за потенцијално задоволно мнозинство од дури 800 милиони неделни корисници, за кои интеракцијата со новиот модел можеби е – сосема во ред.

