Откако AI асистентот Copilot на Microsoft пристигна на паметните телевизори на LG како апликација што не може да се деинсталира, технолошката заедница изрази големо незадоволство.
Веста дека LG, во партнерство со Microsoft, го интегрира AI асистентот Copilot во своите паметни телевизори предизвика бурни реакции. Како што пренесува порталот TechPowerUp, проблемот не е самото присуство на апликацијата, туку фактот што таа не може да се отстрани. Овој потег, кој многумина го гледаат како наметнување несакан софтвер, покрена лавина коментари и остра расправа за контролата што корисниците ја имаат врз сопствените уреди.
Реакциите на корисниците на форумите и технолошките портали главно се негативни, а многумина изразуваат фрустрација поради она што го доживуваат како „агресивно туркање“ на производите на Microsoft. Еден од коментаторите истакнува дека ваквата пракса веројатно нема долго да опстане на пазарот на Европската унија, предвидувајќи скорешна пријава до регулаторите со цел на корисниците да им се овозможи отстранување на апликацијата. Други се уште подиректни, наведувајќи дека ова е доволна причина во иднина да го избегнуваат купувањето производи од LG.

Посебна загриженост е изразена во однос на приватноста. Еден корисник повлече паралела со минатото, потсетувајќи дека „несаканиот софтвер што сам се инсталира, собира податоци и не може да се отстрани, некогаш се нарекуваше spyware“.
Сепак, не сите се подеднакво критични. Дел од корисниците сметаат дека проблемот е пренагласен. Тие истакнуваат дека паметните телевизори веќе доаѓаат со мноштво прединсталирани апликации што не можат да се избришат и дека Copilot веројатно нема да работи ништо во позадина доколку корисникот сам не го активира.
„Вашиот мобилен телефон и компјутер, и онака преполни со Google, ве шпионираат повеќе отколку што овој телевизор некогаш би можел“, напишал еден корисник. Други, пак, додаваат дека ако веќе користите паметен телевизор поврзан на интернет, на некој начин веќе сте прифатиле одредено ниво на следење.
Како решение, поискусните корисници предлагаат проверени методи. Некои својот скап LG OLED телевизор го држат целосно исклучен од интернет, користејќи го исклучиво како монитор за надворешни уреди како компјутери, конзоли или наменски медија-плеери. На тој начин, „паметните“ функции на телевизорот и потенцијалните безбедносни ризици целосно се заобиколуваат, а корисникот ја задржува целосната контрола.

