Дали некогаш сте посакале да гледате Instagram Reels видеа директно на телевизор? Ако е така, имате среќа. Meta лансираше Instagram апликација ексклузивно за Fire TV. Таа ќе биде наменета исклучиво за „кратка видео-содржина“, односно Reels. TikTok ја лансираше својата апликација за Fire TV уште во 2020 година, пред да ја прошири и на други платформи.
Корисниците на Instagram и Fire TV можат да ја преземат апликацијата преку Amazon App Store. Таа може да се поврзе со постоечки Instagram профил или да се користи со посебен профил само за ТВ. Апликацијата поддржува до пет различни Instagram профили — а времето поминато во гледање содржини се зема предвид и кај ограничувањата за тинејџерски профили.
„Нашата мисија е брзо да ве поврземе со најдобрата содржина во светот и возбудени сме што го пречекуваме Instagram на Fire TV“, изјави потпретседателот на Fire TV, Аидан Маркус. „Посветени сме на поместување на границите на забавата на најголемите екрани на корисниците — тимот на Instagram изгради одлично искуство и ни е чест што сме првото место каде што е достапно. Со нетрпение очекуваме да видиме што ќе мислат корисниците.“

Засега, Reels се поделени во различни канали, како спортски моменти или скриени патнички дестинации. Видеата се репродуцираат автоматски, па нема потреба од „свајпување“ меѓу содржини на екранот. Според Meta, апликацијата сè уште е во фаза на тестирање, па овие формати може да се променат во иднина.
Корисниците на Instagram во САД веќе можат да ја преземат ТВ апликацијата на Amazon Fire TV Stick HD, 4K Plus и 4K Max (прва и втора генерација). Таа е достапна и на Fire TV 2-Series, 4-Series и Omni QLED Series. Сепак, Meta најавува дека Instagram апликацијата за ТВ ќе стане достапна и на повеќе уреди и во други земји по завршувањето на оваа почетна фаза на тестирање.


