На претстојниот саем CES 2026 во Лас Вегас може да се очекува од напредна вештачка интелигенција и паметни автомобили, до телевизори на иднината и нови преклопни смартфони ова се трендовите што ќе ја обликуваат блиската технолошка иднина.
CES е еден од најголемите и најзначајните технолошки саеми во светот, кој го посетуваат сите големи, етаблирани технолошки компании, како и бројни нови компании од целиот свет. На пример, Samsung ќе го донесе својот најголем изложбен простор досега на овогодинешната конвенција, а Lenovo ќе ја преземе Las Vegas Sphere за својата презентација.
Настан кој исто така со нетрпение се очекува е изложбата на Sony Honda Mobility, каде што двете компании ќе го претстават предсерискиот електричен автомобил Afeela 1, кој треба да се најде во продажба во Калифорнија во 2026 година. Заедно со новинари, инвеститори и бизнис-лидери, овие и други компании ќе се соберат за да ги покажат своите најнови иновации и да ги постават насоките за наредната година. Минатата година, CES 2025 привлече повеќе од 140 илјади посетители, од кои 40 проценти дошле надвор од САД, што јасно ја покажува големината и важноста на овој настан.
AI, чипови и дигитално здравје како главни трендови
Не можевме да избегаме од вештачката интелигенција на CES 2025, а очекуваме и оваа година да биде многу слично. Доаѓаат и сè поважните компании што произведуваат чипови: Arm, Intel, AMD, Qualcomm и Nvidia. Тие често се во првите редови на напредокот во вештачката интелигенција, особено онаа што се извршува директно на уредите, па нè интересира што ќе имаат да кажат или да покажат на овој CES.
Друг голем тренд што очекуваме да го видиме годинава е фокусот на дигиталното здравје. Тоа најверојатно ќе опфати уреди и услуги, при што компании како Withings, Samsung и Ultrahuman ќе претстават напредок во технологиите за личното здравје. Потоа следуваат автомобилската технологија и мобилноста. Volvo треба да одржи презентација на CES 2026, а се очекува акцентот да биде ставен на поврзани возила и транспорт. Ова се трите главни тренда што ги истакна и Consumer Technology Association, организаторот на настанот, но експертите имаат и свои предвидувања.

Револуција во сликата и звукот
На CES 2026 ќе видиме две главни подобрувања кај телевизорите: поголема осветленост и подобри бои. Најновата спецификација Dolby Vision 2 и Samsung HDR10 Plus Advanced ќе помогнат телевизорите да станат уште посветли од порано – во некои случаи и двојно посветли. OLED телевизорите исто така ќе добијат засилување, а веројатно ќе видиме повеќе технологија со четири слоја што LG ја претстави минатата година. Кога станува збор за боите, ќе видиме телевизори што можат да се пофалат со проширен опсег на бои до 100 проценти од стандардот BT.2020, што досега не беше можно.
Во меѓувреме, најдобриот и најизненадувачки аудио-сегмент на CES обично доаѓа од нови компании. Мултисобен звук, десктоп звучници, лични музички плеери – овие уреди најчесто се прикажуваат на настани ден пред официјалниот почеток на саемот и често се најдобрите работи што ги гледаме во текот на целата недела. Ќе изложуваат и поголемите аудио-компании. Harman групацијата, сега во сопственост на Samsung, е еден од редовните учесници на CES. Како и секоја година, може да очекувате нови soundbar-уреди, Bluetooth звучници и можеби AV компоненти. Слично на тоа, Klipsch и неговиот нов партнер Onkyo најверојатно ќе имаат уште неколку soundbar-уреди и звучници на изложбата.

Нова генерација персонални компјутери
CES е голема сцена и за она што следува во светот на персоналните компјутери. Се претставува широк спектар уреди – од ултрапреносливи, до најнови гејминг и креаторски машини. Освен тоа, обично има и големи најави за чипови што ги напојуваат сите нови лаптопи и десктоп компјутери. Intel, AMD и Qualcomm се натпреваруваат кој ќе испорача процесори што се истовремено моќни и енергетски ефикасни. Веќе гледаме лаптопи со повеќе од 24 часа траење на батеријата и добри перформанси. На CES може да ги очекуваме првите модели од Acer, Asus, Dell, HP, Lenovo, MSI, Samsung и други, со нови лаптопи изградени околу Intel Panther Lake чиповите. Ако им се верува на гласините, овие лаптопи ќе бидат не само тенки и лесни со одлично траење на батеријата, туку ќе понудат и значително подобри графички перформанси без дополнителни трошоци или загревање од дискретна графичка картичка.
Иднината на мобилните уреди е тенка и преклопна
Настани како CES секогаш се преполни со забавни, футуристички концепти за лични уреди и сигурно повторно ќе видиме флексибилни екрани и иновативни носиви уреди. Но, во последните неколку месеци, два клучни описи ги дефинираа најсовремените паметни телефони: тенки и преклопни. И тоа веројатно ќе продолжи и во 2026 година. Производителите на телефони, од Samsung до Honor и Huawei, претставија исклучително тенки уреди, од кои некои и се преклопуваат. Подгответе се за новиот Samsung Galaxy Z TriFold, кој има три екрани наместо два. Веројатно на CES ќе бидат прикажани повеќе вакви концепти, а некои можеби и навистина ќе излезат на пазарот. Се разбира, сето тоа ќе биде проследено со многу мобилна вештачка интелигенција.

Паметните домови и носечките уреди стануваат поинтелигентни
Напредната вештачка интелигенција продолжува да ја движи домашната технологија. Минатата година нè воодушеви првиот робот-правосмукалка со роботска рака. Очекуваме уште повеќе домашна роботика на CES што ќе помага во секојдневните обврски, вклучувајќи перење алишта, чистење, готвење, домашна безбедност и генерално управување со паметниот дом. Големите домашни апарати стануваат сè попаметни, нудејќи различни нивоа на корисност. Очекувам фрижидери, рерни и машини за перење со понапредни екрани и попаметна интеграција со апликации. Исто така ќе видиме разговорни гласовни асистенти со вештачка интелигенција, кои можат да комуницираат преку вашето ѕвонче или да помогнат при поставување домашни рутини.
Што се однесува до носивите уреди, со години гледаме како големите технолошки компании се обидуваат да осмислат паметни очила, но работите стануваат сериозни откако се вклучени Google и Samsung. CES ќе биде вистинската сцена за сите останати надежи во светот на очилата. Очекувам и широк спектар носиви AI-додатоци во различни форми, вклучувајќи нараквици, приврзоци и уреди опремени со камери. Да не ја заборавиме и роботиката – чудните роботи со децении се визуелна атракција на CES и сигурно ќе видиме барем неколку импресивни демонстрации.
Автомобилската индустрија во петта брзина
Се очекува автомобилската технологија на CES 2026 да вклучи во повисока брзина, поттикната од јазично-базирана вештачка интелигенција што брзо станува доминантна во искуството на контролната табла. Очекувам да видиме попаметни автомобили кои можат да ги предвидат навиките и потребите на возачот, па дури и да ги идентификуваат сопствените проблеми со одржувањето. Замислете гласовна асистенција на природен јазик, каде што едноставно разговарате со автомобилот за да завршите задачи или да добиете одговори на случајни прашања. Сепак, AI во автомобилите не е ограничен само на контролната табла. На CES 2026 значително ќе ја подобри и безбедноста и технологијата за автономно возење. Тоа значи подобрени системи за асистенција на возачот и големи вести поврзани со автономното возење и роботакси услугите.

