Нова студија го процени влијанието на вештачката интелигенција врз животната средина во 2025 година и ги повика компаниите на поголема транспарентност во врска со загадувањето и потрошувачката на вода.
Во истражувањето објавено во средата во академското списание Patterns беше проценето глобалното влијание на брзиот развој на вештачката интелигенција врз животната средина. Студијата утврди дека бумот на ВИ предизвикал огромни емисии на јаглероден диоксид во атмосферата, како и потрошувачка на вода што ја надминува вкупната глобална побарувачка за флаширана вода. Податоците ги собра холандскиот академик Алекс де Врис-Гао, основач на Digiconomist, компанија која ги истражува несаканите последици од дигиталните трендови. Ова е прв обид да се измери специфичното влијание на вештачката интелигенција во година кога драматично се зголеми употребата на чет-ботови како OpenAI ChatGPT и Googlе Gemini.
Податоците покажаа дека проценетите емисии на стакленички гасови поврзани со употребата на вештачка интелигенција сега се еднакви на нешто повеќе од 8% од глобалните емисии од воздушниот сообраќај. Авторот на студијата се потпирал на извештаи од технолошките компании и повика на поголема транспарентност во однос на специфичното климатско влијание, наведувајќи и дека во моментов еколошките трошоци ги сноси општеството, а не технолошките компании.
Со студијата е утврдено дека јаглеродниот отпечаток на вештачката интелигенција во 2025 година би можел да достигне и до 80 милиони тони, додека потрошувачката на вода би можела да изнесува дури 765 милијарди литри. Де Врис-Гао истакна дека ова е првпат да се процени влијанието на вештачката интелигенција врз потрошувачката на вода и дека резултатите покажуваат оти потрошувачката на вода поврзана со ВИ ги надминува претходните процени за вкупната потрошувачка на вода на сите дата-центри за повеќе од една третина.

Меѓународната агенција за енергија (IEA) претходно оваа година предупреди дека дата-центрите насочени кон вештачка интелигенција трошат исто толку електрична енергија колку и енергетски исклучително интензивните алуминиумски топилници, а се очекува потрошувачката на електрична енергија на дата-центрите до 2030 година да се зголеми повеќе од двојно.
IEA извести дека најголемите дата-центри насочени кон вештачка интелигенција, кои моментално се градат, поединечно ќе трошат електрична енергија колку два милиони домаќинства. Притоа, Соединетите Американски Држави имаат најголем удел во потрошувачката на електрична енергија на дата-центрите (45%), по што следуваат Кина (25%) и Европа (15%). Најголемиот дата-центар, планиран во Обединетото Кралство на локацијата на поранешна јагленска термоелектрана во Нортамберленд, при целосен капацитет би требало годишно да емитува повеќе од 180.000 тони јаглероден диоксид – што е еквивалент на емисиите што ги создаваат повеќе од 24.000 домаќинства.
Де Врис-Гао истакна дека извештаите на технолошките компании за влијанието врз животната средина често се недоволни дури и за проценка на вкупното влијание на дата-центрите, а особено за издвојување на потрошувачката поврзана исклучиво со вештачката интелигенција.


