Новиот чипсет на Samsung носи значителен скок во перформансите, вештачката интелигенција и графиката, со посебен фокус на подобра енергетска ефикасност и управување со топлината.
Samsung официјално го претстави Exynos 2600, првиот 2-нанометарски SoC наменет за мобилни уреди, кој ќе најде место во најмоќните модели на компанијата уште на почетокот на следната година.
Новиот SoC е базиран на архитектурата Arm v9.3 и располага со 10-јадрен процесор во конфигурација со едно главно јадро, три јадра за перформанси и шест енергетски ефикасни јадра. Главното јадро C1-Ultra работи на такт до 3,8 GHz, трите C1 Pro јадра достигнуваат 3,25 GHz, додека дополнителните шест C1 Pro јадра работат на 2,75 GHz. Според наводите на Samsung, Exynos 2600 нуди до 39 проценти подобри перформанси во однос на претходниот Exynos 2500, со истовремено подобрена енергетска ефикасност.

Како што и се очекуваше, голем акцент е ставен и на вештачката интелигенција. Exynos 2600 добива нова NPU единица која, според Samsung, нуди дури 113 проценти подобри AI перформанси во споредба со претходната генерација. Покрај тоа, SoC носи и напредни безбедносни карактеристики, вклучувајќи безбедност базирана на виртуелизација, како и хибридна пост-квантна криптографија поддржана со хардвер.
За графичките перформанси е задолжен GPU Xclipse 960, кој треба да донесе до 50 проценти подобри ray tracing перформанси и двојно поголема компјутерска моќ во однос на Exynos 2500. Со ова, Samsung јасно цели и кон позахтевни мобилни игри, но и кон постабилни перформанси при подолготрајно оптоварување, што би можело да реши еден од поголемите проблеми на претходните Exynos чипови.

Во областа на фотографијата и видеото, Exynos 2600 носи унапреден ISP со нов AI систем за визуелна перцепција (VPS), кој овозможува попрецизно препознавање на сцени и објекти. Поддржани се сензори за камера со резолуција до 320 MP, а воведено е и намалување на шумот во видеото базирано на длабоко учење, што треба значително да ги подобри снимките во услови на слабо осветлување.
Новина е и технологијата Heat Path Block (HPB), која користи High-k EMC материјал за поефикасно одведување на топлината. Целта е да се обезбедат стабилни и високи перформанси дури и при подолготрајно оптоварување, на пример при играње или извршување на напредни AI задачи. Сепак, како ова ќе се покаже во пракса, ќе видиме дури кога ќе пристигнат првите мобилни уреди со Exynos 2600.

На крај, да напоменеме и дека Exynos 2600 поддржува LPDDR5X RAM, UFS 4.1 складиште и 4K екрани со фреквенција на освежување до 120 Hz. Се очекува да ги напојува претстојните Galaxy S26 и Galaxy S26+, чие претставување се очекува во јануари или февруари.


