OpenAI експериментира со опцијата „Додај на почетен екран“ која би им овозможила на корисниците поставување кратенки за конкретни ChatGPT разговори.
OpenAI на Android платформата подготвува опција „Додај на почетен екран“ („Add to home screen“), со која корисниците – особено оние што за специфични, повторувачки задачи често се потпираат на ChatGPT – ќе можат да додаваат кратенки за разговори директно на почетниот екран. Тоа значи дека избраниот список на разговори, наместо да биде скриен зад менија, ќе биде веднаш достапен.
Раното тестирање сугерира дека кратенката како име ќе го користи тековниот наслов на разговорот, а засега не изгледа дека постои вградена можност за негово преименување. Исто така, интересно е што не постои видливо ограничување на бројот на разговори што корисникот може да ги додаде како кратенки, што би требало значително да им го олесни корисничкото искуство на интензивните мултитаскери.

Опцијата се наоѓа во верзијата 1.2025.350 на Android апликацијата и е достапна преку отворање на менито со притисок на трите точки во рамки на конкретен разговор, по што се избира опцијата „Додај на почетен екран“. Потоа системот креира икона која функционира како директен пристап до конкретниот разговор и овозможува продолжување на работата без потреба од отворање на апликацијата или пребарување на разговорот во историјата.
Кратенките на почетниот екран се вклопуваат во идејата за претворање на специфични, повторувачки разговори во употребливи алатки, а не во еднократни четови. Опцијата моментално е достапна за ограничен број корисници во верзијата 1.2025.350, што упатува на постепено воведување, вообичаено за апликации од ваков обем. Сепак, многу е веројатно дека OpenAI, по завршувањето на проверките за стабилност, новата функционалност ќе ја пушти во глобална дистрибуција.
Во иднина, потенцијални надградби – на пример можност за рачно преименување на кратенките и избор на икони (или дури и наменски виџет) – би можеле значително да ја унапредат функционалноста на оваа опција. OpenAI веќе надмина 100 милиони инсталации на својата Android апликација во Play Store, а функционалности што скратуваат неколку чекори во секојдневните активности на корисниците секогаш се добредојдени.


