Facebook тестира систем кој би можел да им наплатува на корисниците за споделување интернет-линкови, што би можело да се покаже како дополнителен удар за медиумските куќи и другите издавачи.
Мета, сопственикот на оваа социјална мрежа, потврди дека спроведува „ограничено тестирање“, во рамки на кое корисниците без платена претплата Meta Verified, чија цена изнесува околу 12 евра месечно, можат да објават само два надворешни линка месечно, пишува The Guardian.
Се чини дека тестот опфаќа дел од Фејсбук-страниците и корисничките профили кои го користат „Професионалниот режим“, наменет првенствено за креатори на содржини кои ги монетизираат своите објави. Иако медиумските организации засега не се директно вклучени во тестот, овој потег би можел силно да ги погоди, бидејќи може да ги спречи читателите да ја споделуваат нивната содржина.
Издавачите веќе забележаа огромен пад на интернет-сообраќајот по одлуката на Мета од 2023 година да го намали приоритетот на вестите и фокусот да го пренасочи кон видеа и вирална, кратка содржина.
Сообраќајот од Фејсбук кон информативните портали годинава делумно се опоравуваше, но според некои мерења, во 2024 година паднал и до 50 отсто во однос на претходната година.

Најновиот тест е дел од кампањата на Мета со која се настојува корисниците на Фејсбук да се поттикнат да се претплатат на услугата Meta Verified, чија цена варира од 12 евра до речиси 500 евра месечно по профил, во зависност од нивото на услугата. Претплатата нуди дополнителни функции на профилот и повисоко ниво на безбедност.
На снимките од екранот што ги споделиле корисниците, Фејсбук предупредува:
„Почнувајќи од 16 декември, одредени Фејсбук-профили без претплата на Meta Verified ќе бидат ограничени на споделување две органски (односно бесплатни) објави месечно. Претплатете се на Meta Verified за да споделувате повеќе линкови на Фејсбук, со потврдена значка и дополнителни придобивки.“
Дејвид Батл, основач на медиумската консултантска компанија DJB Strategies, изјави дека Мета „намерно се повлекува од секторот на вестите веќе неколку години“.
„По повлекувањето од плаќање на издавачите и целосното блокирање на линковите кон вести во Канада како одговор на регулативата, Мета јасно стави до знаење дека вестите повеќе не се стратешки важни“, рече Батл.
„Овој најнов експеримент – кој засега ги исклучува издавачите – дополнително го засилува поместувањето од бесплатна дистрибуција кон монетизација на досегот, додека Мета се обидува да извлече поголема вредност од своите постојни платформи. Ова може да биде поврзано и со нејзиниот скап и нашироко признаен неуспех во метаверзумот, додека сега ги удвојува напорите во областа на вештачката интелигенција“, додаде тој.

Портпаролот на Мета изјави: „Ова е ограничено тестирање со цел да разбереме дали можноста за објавување поголем број објави со линкови носи дополнителна вредност за претплатниците на услугата Meta Verified.“
Потсетуваме дека Мета во јануари соопшти дека ќе „примени поперсонализиран пристап кон политичката содржина, така што корисниците кои сакаат да гледаат повеќе таква содржина ќе можат тоа да го направат во своите фидови“.
Според анализите на Press Gazette и Similarweb, се чини дека овој потег довел до повторно појавување на поголем број вести. Еден од најголемите добитници бил британскиот Express, чиј сообраќај од Фејсбук пораснал за 26 отсто на годишно ниво, а во март оваа социјална мрежа сочинувала дури 75 отсто од неговиот вкупен сообраќај од социјалните мрежи.


