Spotify е најновата жртва на контроверзната „библиотека во сенка“ – Anna’s Archive, која тврди дека успешно архивирала речиси целокупна содржина на оваа стриминг платформа.
Ова што сега го доживеа Spotify, многу експерти веќе го нарекуваат „најголемата дигитална пљачка во историјата на стримингот“. Озлогласената група за архивирање податоци, Anna’s Archive, објави шокантно тврдење: успешно го копирале (scraping) речиси целиот музички каталог на оваа стриминг платформа.
Според наводите на Android Authority, оваа операција не ги опфатила само метаподатоците, туку и самите аудио-фајлови, создавајќи пиратска база тешка речиси 300 терабајти.
За време на викендот, на 21 декември 2025 година, блог-објава на групата Anna’s Archive го „запали“ интернетот. Групата тврди дека презела метаподатоци за 256 милиони нумери и аудио-фајлови за 86 милиони песни. Според нивната статистика, ова покрива неверојатни 99,6% од целата музика што некогаш била слушана на Spotify.
Податоците се организирани според популарност и веќе почнаа да се дистрибуираат преку торент мрежи. Најслушаните песни се зачувани во оригинален квалитет од 160 kbps, додека помалку популарните нумери се рекомпресирани за да се заштеди простор. Архивата наводно не содржи материјал објавен по јули 2025 година.

Screenshot
Реакција на Spotify: Ги оневозможивме напаѓачите
Spotify реагираше „молскавично“, но дури откако штетата веќе беше направена. Во соопштение за медиумите објавено доцна синоќа, на 22 декември, компанијата го потврди инцидентот:
„Spotify идентификуваше и оневозможи злонамерни кориснички сметки кои учествуваа во нелегално преземање податоци (scraping). Имплементиравме нови заштитни мерки против вакви напади врз авторските права и активно следиме сомнително однесување.“
Компанијата инсистира дека „трета страна“ користела „недозволени тактики за заобиколување на DRM-заштитата“, но се обидува да ги намали размерите на инцидентот тврдејќи дека бил пристапен само „дел“ од аудио-фајловите. Ова е во директна спротивност со тврдењата на Anna’s Archive дека поседуваат речиси сè.
Anna’s Archive, која досега беше позната по „ослободување“ научни трудови и книги (слично на Sci-Hub или Z-Library), овој потег го правда со дигитална презервација. Нивниот аргумент е дека, иако популарните хитови се безбедни, огромна количина помалку позната музика зависи од волјата на корпорациите и лиценците. Ако Spotify утре исчезне или ги отстрани песните, тие би можеле засекогаш да бидат изгубени. За нив, ова не е пиратерија, туку „резервна копија“ на човечкото културно наследство.

Робин Худ или дигитален вандал?
Овој инцидент ја отвора Пандорината кутија во војната меѓу заштитата на авторските права и слободата на информациите. Технички гледано, преземањето 300 TB податоци од една од најзаштитените платформи во светот е инженерски подвиг без преседан. Тоа укажува на сериозни пропусти во DRM-системот на Spotify (Digital Rights Management).
Сепак, правните последици ќе бидат брутални. Ова не е сива зона; ова е масовно кршење на авторските права. И додека Anna’s Archive тврди дека ја чува историјата, музичката индустрија го гледа ова како кражба на леб од устата на уметниците. Прашањето сега е дали адвокатите на големите издавачки куќи ќе успеат да го „вратат духот во шишето“, со оглед на тоа што торент-фајловите, еднаш пуштени на интернет, речиси е невозможно трајно да се отстранат.
За корисниците, ова е потсетник колку моделот на стриминг е всушност кревок – ние не ја поседуваме музиката, туку само ја изнајмуваме. Сè додека некој како Ана не одлучи да ја „зачува“ за нас, сакал тоа Spotify или не.


