Новиот модел WMM2025 открива дека магнетниот Северен пол продолжува да се движи кон Сибир, со значително влијание врз навигацијата, авијацијата и GPS-системите
Магнетниот Северен пол на Земјата повторно ја промени својата официјална позиција. Најновиот извештај на NOAA и Британскиот геолошки завод, објавен преку моделот WMM2025, потврдува дека магнетниот пол продолжува да се движи од канадскиот Арктик кон Сибир — побрзо и подалеку отколку што претходно се претпоставуваше. Во текот на последните 190 години тој поминал повеќе од 2.200 километри, а најновата анализа покажува дека сега е поблиску до северна Русија отколку до Канада.
Овој своевиден „дрифт“ произлегува од движењето на растопеното железо во надворешното јадро на Земјата, кое генерира променливо магнетно поле. Иако во последните три децении полот забрзуваше до 60 километри годишно, најновите мерења покажуваат забавување на околу 35 километри годишно, што и понатаму е исклучително брзо во геолошки рамки. WMM2025 истакнува дека ова е најголемото забележано забавување, поради што е зголемен научниот фокус на динамиката на јадрото.

Screenshot
Најголемите промени на магнетниот Северен пол во модерната историја на Земјата
Овие промени влијаат врз глобалните навигациски системи. Комерцијалните авиони, бродовите, воените системи, сателитите и паметните телефони токму овој модел го користат како основа за дигитални компаси. Најновото издание го вклучува и унапредениот модел WMMHR2025, со резолуција подобрена дури десет пати — од 3.300 на 300 километри на екваторот — овозможувајќи попрецизна корекција на магнетната деклинација ширум светот.
Како што се поместува магнетниот север, се менува и разликата меѓу магнетниот и географскиот север. Доколку уредите не добијат нови корекции, навигацијата базирана на компас може да отстапи за неколку степени, што е неприфатливо во поларните авијациски коридори и во поморските операции. Новите ажурирања опфаќаат и поместување на зоните на магнетно „затемнување“, во кои компасите стануваат недоверливи.

Иако магнетното поле поминува низ постојани корекции, научниците нагласуваат дека не постои ниту еден показател дека Земјата е блиску до геомагнетски преврт, феномен при кој северниот и јужниот магнетен пол се заменуваат. Таквите настани се случуваат на интервали од повеќе стотици илјади години, а тековните податоци не укажуваат на слично сценарио во блиска иднина.
Моделот WMM2025 ќе остане валиден до крајот на 2029 година, освен ако магнетното поле не покаже исклучително неочекувани промени. Сепак, поради процесите што се одвиваат 3.000 километри под површината на Земјата, долгорочните прогнози и понатаму остануваат еден од најголемите предизвици на геофизиката, пренесува IDR.

