Xiaomi се подготвува за официјалното претставување на моделот Xiaomi 17 Ultra, закажано за 25 декември во Кина, а компанијата веќе постепено ги открива клучните детали за својот нов флегшип смартфон.
Откако претходно беше потврден дизајн со фокус на камерите, Xiaomi сега објави и кратко hands-on тизер видео кое го прикажува уредот во движење. Еден од најважните детали откриени во тизер видеото е дебелината на уредот. Xiaomi 17 Ultra ќе биде најтенкиот Ultra модел во историјата на брендот, со дебелина од само 8,29 мм. За споредба, Xiaomi 15 Ultra имаше дебелина од 9,4 мм, што значи дека новиот модел е значително потенок, и покрај задржувањето на премиум изработка и напреден систем на камери.

Видеото исто така открива дека Xiaomi 17 Ultra има исклучително тенки рамки околу екранот од сите страни. Гледан од предната страна, уредот многу наликува на Xiaomi 17 Pro Max, а не е исклучено и двата модели да користат ист панел за екранот. Ваквиот дизајн дополнително го нагласува премиум изгледот на уредот и го става фокусот на содржината, без визуелни одвлекувања.
Xiaomi 17 Ultra ќе биде достапен во четири бои: црна, бела, Starry Sky и виолетова Со ова, Xiaomi ја продолжува традицијата да нуди класични, но и визуелно поатрактивни варијанти во Ultra серијата.
Иако тизер видеото не навлегува во техничките детали за камерите, Xiaomi претходно веќе потврди дека фотографијата е главниот фокус на моделот 17 Ultra. Компанијата неодамна сподели и официјални примероци од фотографии, кои укажуваат на значајни подобрувања во однос на претходникот. Со оглед на репутацијата на Ultra серијата, се очекува Xiaomi 17 Ultra повторно да го таргетира самиот врв на мобилната фотографија.
Со оглед на сè почестите тизери, јасно е дека Xiaomi е во завршна фаза од промоцијата. Сите детали, вклучувајќи ги целосните спецификации и цената, ќе бидат познати на 25 декември, кога Xiaomi 17 Ultra ќе биде официјално претставен во Кина.


