Станува збор за потенцијално интересна, но многу специфична апликација која овозможува каналите што се достапни преку YouTube да се консумираат како подкасти и на тој начин да се овозможи слушање во позадина и да се избегне постојано гледање во екранот.
YouCaster е апликација за паметни телефони со многу специфична намена и најмногу ќе им се допадне на оние кои инаку уживаат во подкасти и на сличен начин би сакале да уживаат и во содржините што се достапни на YouTube.
Имено, таа е во состојба да ги трансформира YouTube каналите во форма што се консумира исто како подкаст, па наместо некој видеозапис да се гледа, тој всушност ќе се слуша (со што се избегнува и евентуалното претерано гледање во екранот, бидејќи репродукцијата ќе работи и во позадина).

Целиот процес е многу едноставен за користење – доволно е само да се додаде линк до посакуваниот YouTube канал (или да се искористи пребарувањето во рамки на апликацијата), по што YouCaster автоматски ќе генерира аудио фид и ќе ги следи објавите на нови видеа, кои ќе се појавуваат како нови епизоди, слично како кај подкастите.
Една од клучните предности на YouCaster е веќе споменатата поддршка за репродукција во позадина и со заклучен екран, а апликацијата нуди и функции слични на оние кај апликациите специјализирани за подкасти. Така, можно е организирање канали, преглед на историјата на слушање, забрзување на репродукцијата и слично. YouCaster може да се користи бесплатно.

