Xiaomi официјално го претстави Xiaomi 17 Ultra, нов флегшип паметен телефон развиен во стратешко партнерство со Leica, со значајни унапредувања во сегментите на камерата, дизајнот, екранот и перформансите.
Оваа година компанијата ја прескокна ознаката Xiaomi 16 Ultra, а основачот и извршен директор на Xiaomi, Леј Џун, појасни дека нумеричкиот скок е директно насочен кон позиционирање на моделот во однос на серијата iPhone 17 на Apple.
Xiaomi 17 Ultra доаѓа со куќиште со дебелина од само 8,29 мм, што го прави најтенкиот Ultra модел досега, повеќе од еден милиметар потенок во однос на претходникот Xiaomi 15 Ultra.

Дизајнот го карактеризира метална рамка, одвоени кружни копчиња за јачина на звук и високо-сјајни рабови, нешто што недостасуваше кај претходникот. Уредот е достапен во четири бои: бела, црна, виолетова и зелена „Starry Green“, која се издвојува со посебен дизајн на задната плоча.
Телефонот поседува IP66, IP68 и IP69 сертификати за отпорност на прашина, вода и млазови вода под висок притисок.
Предната страна ја зазема рамен 6,9-инчен LTPO екран со резолуција од 2608 × 1200 пиксели, густина од 420 ppi и максимална осветленост до 3500 нита. Поддржан е адаптивен refresh rate од 1 до 120 Hz, како и 2160 Hz PWM затемнување.

Претседателот на Xiaomi, Лу Вејбинг, денес во Кина истакна дека целта на моделот Xiaomi 17 Ultra е создавање врвен камера-телефон за секојдневна употреба без компромиси.
Токму камерата е најголемиот адут на овој уред, а кружниот модул на камерата повторно е во фокус. Сега вклучува и подвижен прстен за физичка контрола на фокусните должини, што особено ќе им се допадне на фотографите.
Главната камера користи 1-инчен Light Hunter 1050L сензор, развиен во соработка со Leica, со LOFIC технологија која овозможува динамички опсег од речиси 110 dB.

Се наведува дека станува збор за „најмоќната“ главна камера која ќе се појави на паметен телефон во 2026 година. Системот поддржува 4K динамични фотографии, асферични Leica UltraPure леќи и значително намалување на рефлексијата на светлината, со што се елиминираат отсјајот и ghosting ефектите.
Посебно внимание привлекува 200 MP Leica перископска телефото камера со континуиран оптички зум од 75 до 100 мм, со што Xiaomi 17 Ultra стана првиот телефон со Leica APO апохроматски сертификат.
Камерата овозможува зум без дигитално кроење, со четири фиксни фокусни точки. Системот го надополнува 50 MP ултраширока камера со можност за макро снимање од оддалеченост од 5 см.

Телефонот е придвижуван од Snapdragon 8 Elite Gen 5 чипсет, во комбинација со LPDDR5X RAM и UFS 4.1 меморија.
За ладење е задолжен нов двоен кружен систем за ладење со течен повратен проток, со подобрена топлинска спроводливост за 50 проценти во однос на претходната генерација.
Xiaomi 17 Ultra е опремен со батерија со капацитет од 6.800 mAh, најголемата досега во Ultra серијата, со поддршка за 90W брзо жично полнење, 50W безжично, како и обратно полнење до 22,5W жично и 20W безжично.
Уредот носи и унапредени функции за поврзување преку HyperOS, вклучувајќи можност за пресликување на екранот меѓу Xiaomi и iPhone уреди.

Xiaomi 17 Ultra во Кина е достапен во три конфигурации:
– 12 GB RAM / 512 GB меморија по цена од 6.999 јуани (850 евра)
– 16 GB RAM / 512 GB меморија по цена од 7.499 јуани (907 евра)
– 16 GB RAM / 1 TB меморија по цена од 8.499 јуани (1.029 евра)
Продажбата во Кина започнува на 27 декември, а глобалното претставување е планирано за крајот на февруари на саемот MWC во Барселона, освен ако Xiaomi не приреди некое ново изненадување.


