Snapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy треба да се произведува во погоните на Samsung, и тоа на 2-нанометарски GAA процес
По неколкугодишна пауза, се чини дека Qualcomm и Samsung повторно ја обновуваат соработката во производството на SoC чипови за Galaxy уредите. Како што дознаваат јужнокорејските медиуми, засилената верзија на Snapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy треба да се произведува токму во погоните на Samsung, што претставува своевидно враќање на соработката меѓу двете компании по неуспешниот експеримент со Snapdragon 8 Gen 1.

Стандардниот Snapdragon 8 Elite Gen 5 вообичаено се изработува со 3-нанометарскиот производствен процес на TSMC, додека специјалната верзија наменета за уредите на Samsung ќе биде произведена со понапредниот 2-нанометарски GAA процес на Samsung. Со тоа, SoC ќе се разликува не само по повисоките работни фреквенции, туку и по самата технологија на изработка.
Интересно е што овој SoC прво би можел да се појави во преклопните модели на Samsung во летото 2026 година, а не во претстојната серија Galaxy S26, која и понатаму би требало да го користи Exynos 2600.
