Првиот црногорски сателит, наречен „Луча“, успешно беше лансиран во неделата во ниска Земјина орбита (LEO) со ракетата Сојуз од космодромот Восточни, во близина на границата меѓу Русија и Кина.
Директорот на организацијата Montenegro Space Research (MSR), Филип Јовиќевиќ, истакна дека овој настан претставува пресвртница во технолошката и научната историја на Црна Гора.
„Ова е само почеток. Нашата следна цел е развој на првата црногорска ракета, најпрво суборбитална, а потоа и орбитална. Верувам дека тимот собран околу MSR располага со знаење, капацитети и визија за да го оствари тоа, што би претставувало најголем технолошки исчекор во историјата на Црна Гора“, изјави Јовиќевиќ.
Првиот црногорски сателит има примарна мисија за мерење на космичкото зрачење, а дополнително е опремен со камера која ќе снима визуелни материјали од висина од околу 600 километри, како и со телекомуникациски системи за пренос на податоци кон Земјата.

„Луча“ е мал сателит сместен во рамки на секундарниот товар на ракетата Сојуз и го симболизира првиот национален сателит на Црна Гора кој технолошки, правно и оперативно е управуван од самата држава. Тој е развиен од организацијата Montenegro Space Research – непрофитна иницијатива која ги обединува црногорските инженери и научници со цел развој на вселенски технологии, едукација на младите и изградба на национална вселенска програма.
Јовиќевиќ исто така нагласи дека организацијата ќе продолжи да ги промовира науката, технологијата и инженерството меѓу сите возрасни групи, бидејќи само преку знаење Црна Гора може да изгради генерации инженери подготвени за развој на идната вселенска програма.


