Иако Македонија со години важи за земја со силен технички талент, родовата еднаквост и видливоста на жените во технологијата сè уште остануваат системски предизвик. Невидливите очекувања, ограничените улоги и недостигот од видливи примери создаваат еден јаз што не се затвора сам од себе. Women in Tech Macedonia постои токму за да го адресира тој јаз туку преку континуирана работа, развој и градење на заедница и јасна визија за промена и успех.


Заедница што не зборува за промена, туку континуирано ја гради
Во текот на 2025 година, Women in Tech Macedonia со повеќе од 15 настани и конференции во сопствена организација и конференции со партнерско присуство, продолжува да развива заедница и активна платформа каде што жените во технологијата се охрабрени да зборуваат, да водат и да преземаат одговорност. Преку настани, интервјуа, јавни дискусии, конференции и менторска програма, заедницата отвори простор за разговори што долго време беа маргинализирани. Од технички теми во квалитет на софтвер, вештачка интелигенција, развој на продукти и софтверски решенија, па до инспиративни приказни, работнилници за личен и професионален развој и WITCON 2025 – конференција со повеќе од 500 учесници и 60 говорници, задоволно можеме да споделиме дека сме се сретнале со повеќе од 2200+ луѓе низ годината, сме биле домаќини на 120+ говорници, сме соработувале и оствариле партнерства со 50+ компании, 15+ медиумски партнери, 20+ организации низ Македонија и регионот.
Овие бројки претставуваат заеднички успех на тимот на Women in Tech Macedonia и сите инволвирани во развој на нашата мисија кон градење и развивање на талентот што веќе го имаме во Македонија, преку континуирано учење, вмрежување и менторирање. Од следење на трендови до намалување на родовиот јаз и поврзување со ментори, проследивме ред успешни приказни на нови соработки помеѓу компании, развој на млади таленти, нови менторства, нови вработувања и успеси.


Партнерства што носат системска промена
Во текот на годината, Women in Tech Macedonia оствари соработки со компании, институции и медиуми кои ја препознаа важноста на системска, а не ад-хок поддршка за жените во технологијата.
Овие партнерства не се базираат само на видливост, туку на заедничка одговорност, да се создадат услови во кои жените не мора да бидат „суперхерои“ за да успеат, туку имаат еднакви можности за раст, лидерство и влијание.

Поглед кон 2026: Повеќе храброст, повеќе влијание
2026 година за Women in Tech Macedonia не значи „повеќе од истото“, туку повеќе влијателни чекори. Фокусот ќе биде насочен кон продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, нови формати на настани, посилна поддршка за женско лидерство и уште поголема видливост на жените кои веќе го трансформираат tech екосистемот.
Следната година ќе донесе нови програми, нови партнерства и нови можности, но пред сè, ќе донесе уште посилна заедница што знае зошто постои и каде оди. Women in Tech Macedonia влегува во 2026 година со јасна порака: Иднината на технологијата не се чека, туку таа се гради со упорност и заедништво. И мора да биде инклузивна!

Очекувајте ги најавите за следните наши настани и повици за приклучување на нашите социјални мрежи, следете не на Facebook, Instagram & LinkedIn со повеќе новости. А во меѓувреме, за да бидете дел од нашата заедница пополнете ја оваа форма.
