Во 2025 година, AI ги промени цели пазари, политиката, менталното здравје и работните места, а 2026 година носи уште поголемо влијание.
Стотици милијарди долари потрошени за инвестиции, пораст на загриженоста за менталното здравје и илјадници изгубени работни места – заедничката нишка на сето тоа беше вештачката интелигенција. Иако вештачката интелигенција постои со децении во позадина на модерните технологии, појавата на ChatGPT во 2022 година ја стави во центарот на вниманието. Чат-ботови како ChatGPT и Google Gemini постепено го променија начинот на кој милиони луѓе секојдневно го користат интернетот – од функцијата AI Mode во Google пребарувањето, до вградените асистенти на Instagram и други онлајн сервиси.
2025 година беше и моментот кога AI ги премина границите на екранот и почна да влијае врз националната политика, глобалните трговски односи и берзите. Се отворија и сериозни дилеми околу тоа дали на оваа технологија треба да ѝ се верува во работната средина, во училиштата и во меѓучовечките односи.
Предвидувањата покажуваат дека сето тоа ќе продолжи и во 2026 година. Експертите истакнуваат дека изминатата година го означи преминот од фасцинација кон примена со реални последици, што подразбира и придобивки, но и ризици.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се вброи меѓу најголемите поддржувачи на AI технологиите, користејќи ги како столб на својата втора претседателска администрација. Извршниот директор на Nvidia стана дел од неговиот тесен круг советници, додека Nvidia и AMD послужија како клучни елементи во трговските преговори со Кина. Трамп претстави акциски план за вештачка интелигенција со кој се залага за намалување на регулативата и поширока државна примена на ВИ-решенија. Потоа следеа и извршни наредби, вклучително и контроверзен обид да им се оневозможи на сојузните држави да воведуваат сопствени правила за ВИ, што предизвика остри реакции од експертите за интернет-безбедност.
Што ја одбележа годината во која AI стана глобална точка на пресврт
Низа извештаи и тужби во текот на годината ја истакнаа потемната страна на ВИ асистентите, особено кај младите. Беа пријавени случаи на влошување на менталното здравје, па дури и трагични исходи. Најпознатиот пример се случи кога родителите на шеснаесетгодишниот Адам Рејн го тужеа OpenAI, тврдејќи дека чат-ботот давал одговори кои дополнително го загрозиле нивниот син. Компанијата оттогаш воведе контроли на содржината за тинејџери и пошироко достапни безбедносни функции, а Character.AI ги ограничи двонасочните разговори за помладите корисници. Meta планира во текот на 2026 година да воведе можност за блокирање на AI-ликови на Instagram за малолетници.
Експертите предупредуваат дека проблемите не се однесуваат исклучиво на тинејџерите, бидејќи сè повеќе возрасни пријавуваат дека емоционално се оддалечиле од околината, потпирајќи се на ВИ како извор на поддршка. Според нив, чат-ботовите можат да придонесат за конфузија, делузии и погрешно перципирање на реалноста.

Истовремено, инвестициите во AI инфраструктурата експлодираа. Meta, Microsoft, Amazon и други компании потрошија десетици милијарди долари за изградба на нови дата-центри, додека прогнозите на McKinsey зборуваат за речиси седум трилиони долари глобални вложувања до 2030 година. Ова ја зголеми загриженоста околу цената на електричната енергија, влијанието врз работните места и можноста за создавање AI-балон. Инвеститорите сè погласно бараат одговори за исплатливоста на идните вложувања.
Голем број технолошки работници останаа без работа, а бран на отпуштања ги погоди Amazon, Microsoft, Meta и други компании кои го оптимизираат работењето преку AI автоматизација. Amazon отпушти 14.000 вработени, додека Meta ги намали тимовите во рамки на својот AI оддел.
Експертите се согласуваат дека најзначајната промена во 2026 година ќе биде промената во структурата на вештините што ги бара пазарот. Побарувачката за знаење за AI алатки и процеси нагло расте, а работните места се менуваат со поголема брзина од кога било досега.
Сè укажува на истата порака: вештачката интелигенција повеќе не е новост – таа станува двигател на глобалните трендови, а она што следува ќе биде уште поинтензивно


