Samsung одлучи да не ја зголемува цената на смартфоните од претстојната S26 серија, кои се очекуваат оваа година, барем за американскиот пазар, а причината е конкуренцијата со Apple и кинеските производители.
И покрај растот на трошоците за производство и поскапувањата што ги одбележаа flagship телефоните во текот на 2025 година, Samsung сепак нема да ги зголемува цените на својата наредна Galaxy S26 серија.
Како што пренесуваат јужнокорејските медиуми, Samsung одлучил да ги задржи истите цени за Galaxy S26 моделите како и за актуелната Galaxy S25 линија, со цел да избегне губење на пазарен удел во борбата со Apple и кинеските производители на паметни телефони.
Сепак, оваа одлука се однесува исклучиво на САД, додека на другите пазари, вклучувајќи ја и Јужна Кореја, цените би можеле да бидат повисоки.

Да потсетиме, основните модели Galaxy S25, S25+ и S25 Ultra во САД беа лансирани по цени од 799, 999 и 1.299 долари. Според достапните информации, истите почетни цени се очекуваат и за Galaxy S26, S26+ и S26 Ultra.
Задржувањето на цените не се однесува само на S26 серијата.
И преклопните модели на Samsung, Galaxy Z Fold8 и Galaxy Z Flip8, наводно исто така ќе бидат лансирани по истите цени како и нивните претходници.
Samsung сè уште официјално не се огласил за датумот на претставување на новите уреди, но јужнокорејските извори наведуваат дека Galaxy S26 серијата ќе биде претставена на 25 февруари во Сан Франциско.


