Додека Sky Ceiling Light на Govee е насочен кон реалистична симулација на дневна светлина, Ceiling Light Ultra става фокус на креативни и прилагодливи светлосни ефекти.
Компанијата Govee на годинaшниот саем CES 2026 во Лас Вегас ја прошири својата понуда надвор од класичните LED ленти и амбиентално осветлување и претстави две нови паметни решенија за осветлување наменети за плафонска монтажа. Станува збор за моделите Sky Ceiling Light и Ceiling Light Ultra.
Имено, моделот Sky Ceiling Light е дизајниран да го имитира природното дневно светло, што го прави особено интересен за простории без прозорци. Според наводите на производителот, користи прилагодени LED диоди кои овозможуваат реалистични премини на боите – од дневна светлина до зајдисонце, а опсегот на температура на бојата се движи од 2.700 K до 6.500 K, со максимална осветленост од 5.200 лумени при 6.500 K.

Вториот новитет, Ceiling Light Ultra, е позициониран како „првото вистинско креативно платно“ меѓу плафонските светилки. Опремен е со 616 RGB LED диоди со кои може да се управува поединечно, што овозможува прикажување на повеќе од 20 однапред дефинирани светлосни ефекти, но и креирање сопствени анимации. Со осветлувањето се управува преку апликацијата Govee, во која корисникот со внесување краток опис може да генерира посакувани светлосни ефекти.
Цените и достапноста на новите плафонски светилки засега не се објавени, но се очекува тие да се појават во продажба во текот на оваа година.


