Оние кои често го користат Gemini на Google TV, наскоро ќе имаат многу повеќе опции и со помош на вештачка интелигенција ќе можат да генерираат визуелна содржина директно на телевизорот.
Google најави големо ажурирање на Gemini на Google TV, со кое на AI асистентот му се додаваат нови креативни и функционални можности. Новините вклучуваат поддршка за алатките Nano Banana и Veo, кои овозможуваат создавање слики и видеа генерирани со вештачка интелигенција директно на телевизорот.
Како што наведуваат од Google, корисниците ќе можат да создаваат кратки видео-клипови или фотографии, но и да го комбинираат Gemini со Google Photos за автоматски да генерираат презентации од избрани настани или моменти. Покрај тоа, одговорите на Gemini ќе станат визуелно побогати, со вклучени слики, видео-контекст и ажурирања на спортските резултати во реално време, а најавени се и „длабински анализи“ на теми, кои ќе бидат проследени со нарација и интерактивни елементи.

Покрај креативните алатки, Google воведува и проширени можности за гласовно управување. Корисниците ќе можат да ги менуваат поставките за сликата и звукот со едноставни гласовни команди. Во пракса, тоа би значело дека ќе можат само да кажат „екранот е премногу темен“ или „не го слушам добро дијалогот“, при што системот автоматски ќе ја прилагоди осветленоста или јачината на звукот.
Надградениот Gemini за Google TV прво ќе биде достапен на одбрани телевизори на TCL, а во наредните месеци се очекува да пристигне и на останатите уреди со Google TV.


