Body Scan 2 на Withings го задржува препознатливиот дизајн на својот претходник, но нуди многу повеќе опции за мерење на здравјето.
Withings на CES 2026 претстави нова паметна вага, Body Scan 2, за која велат дека е „станица за долговечност“. Како и обично кај паметните ваги на Withings, и оваа на корисниците им нуди поширок спектар на здравствени мерења, но со акцент на кардиоваскуларното и метаболичкото здравје.
Имено, Body Scan 2 го задржува препознатливиот дизајн на претходникот со осум електроди вградени во самата вага и дополнителни четири електроди во рачката што се извлекува. Таквата конструкција овозможува прибирање податоци и од горниот дел на телото, што, според наводите на производителот, ја зголемува точноста на мерењата во однос на класичните паметни ваги кои се потпираат исклучиво на електроди за стапалата.

Главната новина во однос на првата генерација е значително проширениот број на биомаркери. Покрај тежината, пулсот и составот на телото, Body Scan 2 воведува и 90-секундна „проценка на долговечноста“ која опфаќа повеќе од 60 биомаркери. Тие се групирани во неколку области, вклучувајќи работа на срцето, ризик од покачен крвен притисок, здравје на артериите, клеточно и метаболичко здравје, како и регулација на глукозата.
За да се избегне преоптоварување со податоци, на корисниците им е достапен обединет Health Trajectory резултат, кој го визуелизира таканаречениот healthspan, односно проценката на периодот од животот поминат во добро здравје. Секако, сите детали и информации се достапни во апликацијата на Withings, па нивната интерпретација е релативно лесна.
Интересен дел од пристапот на Withings е неинвазивното следење на метаболичкото здравје. Наместо крвни анализи, вагата користи биоимпедансна спектроскопија (BIS) и анализа на активноста на потните жлезди во стапалата, стимулирани со многу слаба електрична струја. Сепак, од Withings нагласуваат дека овие методи не се наменети за дијагностика, туку служат како рани индикатори за можни здравствени проблеми и поттик за посета на лекар.

Понатаму, Withings во оваа вага го вгради и Eyes-Closed Mode, односно режим на работа во кој резултатите на екранот на вагата се прикажуваат со помош на емотикони, додека сите податоци и понатаму се бележат во апликацијата. Во пракса, тоа би значело дека ако корисникот има прекумерна тежина, ќе му се појави тажен емотикон, а ако сè е во ред – емотиконот ќе биде среќен.
Што се однесува до регулативите, две функционалности на Body Scan 2 – предупредувањата за ризик од покачен крвен притисок и шестканалниот ЕКГ за откривање атријална фибрилација – ќе бараат одобрување од американската FDA. Од Withings наведуваат дека работат на забрзана постапка за сертификација, додека уредот истовремено ќе биде усогласен со GDPR и HIPAA и ќе поседува ISO 27001 и ISO 27701 сертификати за заштита и безбедност на податоците.
Вагата ќе може да се купи во вториот квартал од 2026 година, а ќе пристигне и на европскиот пазар по цена од околу 600 евра.
