OpenAI го лансира ChatGPT Health, посебно место во рамки на ChatGPT каде што корисниците можат да ги поврзат своите профили од Apple Health, MyFitnessPal, Function, Weight Watchers, AllTrails, Instacart и Peloton и да поставуваат прашања за своето здравје.
Од компанијата велат дека ChatGPT е „дизајниран во блиска соработка со лекари“ со цел „да им помогне на луѓето да преземат поактивна улога во разбирањето и управувањето со своето здравје и благосостојба“.
Врз основа на „деидентификувана анализа на разговори“, OpenAI знае дека повеќе од 230 милиони луѓе ширум светот веќе го прашуваат ChatGPT за здравје и благосостојба, а ChatGPT Health е замислен како место каде што ова може да се прави побезбедно.
Во Health постои „наменски изградена енкрипција и изолација“, се наведува во соопштението за јавност на OpenAI, „со цел разговорите за здравјето да бидат заштитени и одвоени“. Компанијата исто така ветува дека нема да ги користи разговорите поврзани со здравје за тренирање на своите модели и истакнува дека, доколку корисниците сакаат дополнителна сигурност, можат да активираат повеќефакторска автентикација.

OpenAI соработува со b.well, „најголемата и најбезбедна мрежа на поврзани здравствени податоци за американските потрошувачи“, која „се придржува до највисоките индустриски стандарди за безбедност на податоците и приватност“, што е важна информација за оние што сакаат да ги поврзат и своите медицински картони.
Посебниот Health модел, меѓу другото, може да ги објаснува лабораториските резултати на лесно разбирлив јазик, да подготвува прашања за лекарски преглед, да интерпретира податоци од носливи уреди и wellness апликации и да сумира упатства за нега. За да се користи Health, потребно е само да се избере од страничното мени во ChatGPT.
ChatGPT Health моментално е достапен за „мала група рани корисници“ надвор од Европскиот економски простор, Швајцарија и Велика Британија. Интеграцијата на медицински картони е овозможена само во САД.

