AI PC не го поттикнува бранoт на замена на компјутерите, а Dell и другите најголеми производители во оваа област конечно признаваат дека тоа воопшто не ги интересира купувачите, ниту пак е причина поради која би купиле нов PC компјутер.
AI PC во реалноста воопшто не поттикнува бран на замена на уреди, а големите производители на компјутери сега тоа отворено го признаваат. Компанијата HP беше меѓу првите што јавно призна дека просечните корисници едноставно не ги интересираат AI функциите на компјутерите, со што целиот концепт за „AI PC револуција“ е доведен во прашање.
Директорот за производи во Dell, Кевин Тервилигер изјави дека AI во моментов воопшто не е пресуден фактор при купување компјутер. Иако Dell и понатаму вложува големи средства во развој на AI можности и сите нови модели претставени на саемот CES 2026 имаат вграден NPU, повратните информации од пазарот се јасни: корисниците не купуваат компјутери поради AI функциите. Напротив, AI често дополнително ги збунува потрошувачите, наместо да ги мотивира на купување.

Купувачите не купуваат компјутери поради вештачка интелигенција
Тервилигер нагласува дека тоа не значи дека Dell се откажува од развојот на AI технологии, туку дека го менува начинот на комуникација со купувачите. Компанијата сфатила дека агресивниот AI маркетинг ни приближно не ги дава очекуваните резултати, а во одредени случаи дури има и негативен ефект. Затоа фокусот ќе биде префрлен на конкретни, опипливи карактеристики на производите, како што се дизајнот, автономијата, перформансите и доверливоста.
Ваквата изјава претставува своевиден ладен туш за технолошката индустрија, со оглед на тоа што во последните години речиси сите производители – од телефони до компјутери и домашна електроника – го истакнуваа AI како клучен продажен адут. Искреното признание на Dell, и тоа во пресрет на најголемата манифестација кога станува збор за потрошувачка електроника, укажува дека пазарните трендови во 2026 година би можеле сериозно да се променат, бидејќи корисниците очигледно почнале да чувствуваат презаситеност од AI терминологијата.

Во тој контекст, ситуацијата на PC пазарот станува појасна. Microsoft силно ги турка AI функциите во рамки на Windows 11 и ги промовира Copilot+ PC компјутерите како причина за надградба на хардверот, но досегашните реакции од пазарот покажуваат дека очекуваниот бран на замена на уреди изостанува. Без јасни и за корисниците разбирливи предности, AI сам по себе не е доволна причина за да покрене нова купувачка треска, пренесува PC Gamer.


