WhatsApp ги унапредува групните разговори со нови функции кои треба да ја олеснат организацијата и комуникацијата меѓу корисниците.
WhatsApp претстави три нови функции наменети за унапредување на комуникацијата во групните разговори. Првата функција, наречена Member Tags, им овозможува на корисниците да си доделат ознака со која на другите учесници им ја објаснуваат својата улога во групата. Ознаките можат да се разликуваат од група до група, во зависност од контекстот на разговорот.
Втората новина се текстуалните налепници. Корисниците сега можат да внесат било кој збор или фраза во пребарувачот за налепници, а WhatsApp ќе ја претвори во налепница. Така креираните налепници може веднаш да се зачуваат, без да мора да се испраќаат во разговор со други корисници, како што беше случај досега.

Третата функција се однесува на потсетници за настани. При креирање и испраќање на настан во групен разговор, можно е да се постават потсетници за поканетите членови, што, барем во теорија, треба да го намали бројот на оние кои ги забораваат договорените настани.


