YouTube претстави неколку нови филтри во своите напредни алатки за пребарување. Веројатно највозбудливата промена е тоа што Shorts сега се наведени како посебен тип на содржина, па видеата со времетраење од три минути или помалку можат да се исклучат од резултатите од пребарувањето.
Ова е добредојдено ажурирање за сите кои барале подолги и подетални објаснувања, а морале да се „пробиваат“ низ десетици клипови од 10 секунди пред да пронајдат нешто што навистина им е потребно. Опцијата за исклучување на Shorts од резултатите од пребарувањето е особено добредојдена по додавањето на уште повеќе AI содржини минатата година, благодарение на Google Veo 3 engine.

Останатите ажурирања вклучуваат и неколку преименувани функции во напредното пребарување. Менито „Sort By“ сега ќе се вика „Prioritize“, а опцијата „View Count“ е преименувана во „Popularity“. Ова ќе им овозможи на алгоритмите на YouTube да земат предвид и други метрики, како времето на гледање, за подобро да проценат како корисниците реагираат на одредено видео. Исто така, отстранети се две претходни опции за филтрирање, па повеќе нема да постојат „Upload Date – Last Hour“ и „Sort by Rating“.

