iPhone Fold ќе биде првиот уред на Apple што ќе користи OLED технологија произведена од Samsung наречена CoE (Color Filter on Encapsulation), која може да го направи екранот посветол и потенок од претходните панели, пренесува The Elec.
Кај традиционалните OLED панели, над екранот се наоѓа поларизирачки филм кој ги намалува рефлексиите и го подобрува контрастот. Недостатокот е што овој филм апсорбира дел од светлината што ја емитува самиот OLED, со што се намалуваат осветленоста и ефикасноста. Со CoE, Apple би го отстранил поларизаторот и наместо тоа би го нанесол филтерот за бои директно врз заштитниот слој (инкапсулацијата) на OLED екранот.
Резултатот би бил потенок слој на екранот што пропушта повеќе светлина, овозможувајќи поголема осветленост без зголемување на потрошувачката на енергија. Отстранувањето на слоевите исто така значи и помала вкупна дебелина, што потенцијално би придонело за послим дизајн на iPhone.

Според The Elec, Apple планира да ја претстави CoE технологијата прво со својот преклоплив iPhone, кој би можел да се појави уште кон крајот на 2026 година, а потоа да ја прошири технологијата и на iPhone Air 2 во 2027 година. Наводно, излегувањето на iPhone Air 2 било одложено поради послабата продажба од очекуваното на оригиналниот iPhone Air.
Дали CoE ќе биде применет и дали iPhone Air 2 навистина ќе биде објавен ќе се одлучи до третиот квартал од оваа година, според извори од индустријата цитирани во корејскиот извештај.
Во меѓувреме, Samsung планира да ја примени CoE технологијата не само кај своите преклопливи модели Galaxy Z Fold и Z Flip, туку и кај Galaxy S26 Ultra, кој се очекува во првиот квартал од оваа година. S26 Ultra ќе биде првиот непереклоплив смартфон на Samsung што ќе ја користи оваа технологија, која компанијата внатрешно ја нарекува OCF (On-Cell Film).


